НЕ ФРЛАЈТЕ ПЕТАРДИ, ФРЛАЈТЕ БОМБИ: Промотивен ГАФ на словенечката војска
Предупредувањата за опасност од пиротехника во деновите пред
дочекот на Новата година се вообичаени, а Словенците деновиве беа изненадени од
објавата од страна на Армијата на
Словенија, во која беа повикани да ги заменат петардите со бомби.
По критиките од јавноста за поканата до младите кои се заинтересирани за доброволно служење во словенечката армија бизарната порака беше повлечена по три дена.
„Не фрлајте петарди! Пријавете се за доброволно служење во армијата, активирајте експлозив и фрлете бомба“, беше пораката објавена на фејсбук на профилот на армијата на Словенија, а утрово беше симната од социјалните мрежи.
Апелирањето до граѓаните да активираат експлозиви и да фрлаат бомби за да се ослободат од потребата од фрлање петарди е исто како да се повикуваат децата кои „пукаат“ во компјутерски игри да се посветат на вистинското оружје, велат некои од најжестоките критичари на социјалните мрежи.
Некои други додаваат дека самиот промотивен гаф ја илустрира милитаризацијата на општеството што се случи за време на мандатот на министерот за одбрана Матеј Тонин, кој инаку ја води демохристијанската партија Нова Словенија (НСИ) во владата на премиерот Јанез Јанша.
