Економија, финансии, бизнис

Контакт

НЕ Е ВО ДРУГА ДРЖАВА, ТУКУ ВО МАКЕДОНИЈА - еве на кого ја отстапи фабриката газда на конфекција

НЕ Е ВО ДРУГА ДРЖАВА, ТУКУ ВО МАКЕДОНИЈА - еве на кого ја отстапи фабриката газда на конфекција

Од први јануари идната година, штипската конфекција „Вабо“ ќе премине во рацете на работниците. Тоа се случува откако сопственикот Ване Богдов одлучил нив да им ја отстапи фабриката која работи веќе 25 години, пренесе порталот ИстокПрес.

Со овој стопански колектив од јануари ќе раководат Тања Николова, дипломиран технолог со долгогодишен работен стаж во конфекцијата, како и Дарко Роглев, референт по извоз.

„Вчера имавме собир на работниците на кои ја објавив мојата одлука, а на тој собир ги претставив Николова и Роглев. Всушност, на работниците им ја дадов на користење фабриката со целата опрема во неа, при што во првата година нема да плаќаат никаков надомест, а од втората година, само под услов фабриката да работи со добивка, во што не се сомневам, ќе плаќаат минимална кирија за 1.250 метри квадратни производен простор колку што има конфекцијата“, изјавил Ване Богдов.

Тој истакнал дека причината за ваквиот потег е отсуството на мотив за работа, но и фактот дека неговите две деца не сакаат да се занимаваат со конфекциско производство.

„Во оваа индустриска гранка сум цели 32 години. Почувствував дека кај мене го снемува мотивот за работа, а бидејќи моите две деца не сакаат да се занимаваат со конфекциско производство, воден од примарната цел нашите 130 работници да можат да работат и да остваруваат пристојна плата, се одлучив на ваков чекор. Убеден сум дека работниците и новите раководители, во новонастанатиот амбиент ќе донесат нова енергија и за првите 3-6 месеци (март-јуни 2022 година) ќе го зголемат производството за најмалку пет проценти, а тоа ќе се одрази и на нивните плати. Јас им ветив дека со своите врски со деловниот свет во државите од Западна Европа со кои соработувам цели 25 години, без никаков надомест за себе, ќе им обезбедувам работа на еден подолг временски рок. Јас сум им гарант дека тие редовно ќе земаат плата зашто работа има за многу идни години. Важен е и фактот дека тие нема да имаат режиски работници“, вели Ване Богдов.

Извор: Исток Прес

Слично

Поврзани вести