Не е банка, а од дивиденда и камата е ќар 845.000 евра! Кој е махер за вложување во хартии од вредност?
Најголемата домашна хотелиерско-угостителска компанија одлично се справува со корона кризата. Навреме (во 2020 година) ја антиципираше претстојната здравствено-економска криза и отпочна да го реновира својот најдобар хотел додека другите книжеа загуби и молеа за државна помош. Минатата година благодарејќи на мудрите инвестициски одлуки оствари приходи од дивиденди и камати кои овозможија да заврши со добивка иако годината на оперативен план беше исклучително тешка
Најголемата македонска хотелиерско- угостителска компанија и во корона – криза прави пари! Иако хотелите се полупразни заради бројните ограничувања кои ги наметна здравствената пандемија „Македонијатурист“ и лани покажа дека паметно вложување и во лошо време носи солидни приноси.
Од официјалните биланси за работењето во 2021 година на оваа компанија е евидентно дека годината и покрај многубројните отежнителни околности ја завршиле со добивка од 358.000 евра. И тоа во услови кога од оперативното работење, сосема очекувано, компанијата има загуба поголема од 470.000 евра. И тоа дури и не е лош резултат со оглед на тоа дека минатата година беше под целосна опсада на мерките и ограничувањата наметнати од глобалната здравствена пандемија.
Билансот на успех покажува дека и во пандемиската година „Македонијатурист“ завршува со добивка и тоа благодарејќи само и исклучиво на финансиските приходи кои лани достигнаа 860.000 евра!
Подетално објаснување побаравме и најдовме во Извештајот за паричниот тек на најголемата македонска хотелиерско-угостителска компанија. Минатата година „Македонијатурист“ од своите акции во други компании по основ на дивиденда остварила прилив од 493.545 евра! Во споредба со претходната 2020 година приливот по овој основ е поголем за 12 отсто! Резултат за почит и пример. И уште еден пример дека има потенцијал во македонскиот пазар на капитал.
По основ на камати од вложени средства компанијата остварила прилив од 351.500 евра што е за 3 отсто подобро од претходната година.
Овие приходи од вложувања на „Македонијатурист“ лани овозможија друштвото годината да ја заврши со добивка и со тоа да се исполни условот за можна поделба на дивиденда за работењето лани.
Билансот на состојба покажува дека вложувањето во акции на „Македонијатурист“ е солидна комбинација. Зошто? Па затоа што компанијата на крај на 2021 година книжи вложувања во вкупна вредност од 22,24 милиони евра. Од тоа вложувања во хартии од вредност се 14,45 милиони евра, а краткорочни вложувања се 7,74 милиони евра.
Р.Ф.