НЕ ДАВАЈТЕ ДА ВЕ ДЕЛАТ: Балканец тврди дека во Германија живеат како во „мала Југославија“
Во време кога јавниот простор е преплавен со вести за поделби, национализам и нетрпеливост, една објава на Фејсбук групата „Balkanci u Njemačkoj“ привлече внимание со сосема поинаква приказна – за заедништво, солидарност и човечност далеку од Балканот.
Авторот на објавата, кој живее во Франкфурт, опишува секојдневие во кое соседите од различни националности функционираат како вистинско семејство.
– „Јас сум Хрват, првиот сосед ми е Бошњак, а над нас живее Србин. Да видите само какво дружење е тоа… Станавме семејство какво можеби ни дома го немаме“ – пишува тој.
Во објавата се наведува дека во нивната зграда нема поделби по вера или нација – се слават заедно и Бајрам и Божиќ, се дели трпеза, а помошта е секогаш тука кога е потребна.
– „Кога јас и сопругата моравме на ноќна смена, детето го оставив кај соседката Алма. Знаев дека ќе биде чувано како свое. Кога ми се расипа автомобилот, соседот Драган веднаш излезе со алат и заедно го поправивме“ – стои во сведоштвото.
Авторот посочува дека во странство луѓето повеќе се потпираат едни на други, без предрасуди.
– „Овде не прашуваш кој е кој, туку помагаш колку што можеш. Сите сме во иста борба за подобар живот на нашите деца“ – пишува тој.
Објавата завршува со порака против поделбите и повик до луѓето да не дозволат да бидат разединети.
– „Не давајте да ве делат. Комшијата ми е поблизок од роден брат кој ме бара само кога му требаат пари“ – додава авторот.
Овој пост за кратко време предизвика бројни реакции, отворајќи дебата за тоа како заедничкиот живот во странство често ги брише границите што на Балканот сè уште постојат.
