Економија, финансии, бизнис

Контакт

„Не цвета“ бизнисот во Металната индустрија-можни се отпуштања

„Не цвета“ бизнисот во Металната индустрија-можни се отпуштања

Металопреработувачката индустрија се соочува со сложена состојба, бизнисот не носи пари, а кумулирањето на загубите е значително. Значително се намалени и нарачките. Тоа води кон дисконтинуитет на производството што, пак, влијае на трошоците и конкурентноста.

Според Митко Кочовски, претседател на Асоцијацијата на металургија при Стопанската комора на Македонија, отпуштања на вработените или сообразување на нивниот број е логичен епилог кога нема производство или кога циклусите се намалени.

- Производството е намалено за 50 отсто од 2011 година која се сметаше за една од подобрите во вкупниот петгодишен период на криза. Поради тоа, епилогот врз деловните резултати е погубен. Гранката прави загуби и ова е карактеристично за цела Европа. Нема компанија во челичниот бизнис со континуирано производство, која профитира во овие многу сложени услови на стопанисување кои за сите нас, неочекувано, траат полни пет години, рече Кочовски по денешната тркалезна маса „Металниот комплекс - стратешка гранка за развој на националните економии и економијата во ЦЕФТА-регионот“.

Долгорочните предвидувања за периодот 2020-2025 година кога се очекува 50 отсто раст на производството на основните метали во светот, според Кочовски се премногу оптимистички зашто во овој момент нема никакви индиции дека нешто во краток рок значително ќе се промени.

- Сите се трудиме и во вакви тешки услови на дисконтинуирано производство да ги вложиме сите напори за оптимализација на работните трошоци за да можеме да останаме на пазарот или да работиме со загуби кои би биле подносливи и кои во нареден, поповолен производен циклус би помогнале да ги санираме последиците, истакна Кочовски.

- Се уште, и на другите наши барања поврзани со енергетиката и транспорот, немаме одговор. Се надеваме дека ќе воспоставиме некаков дијалог, да се разбереме, колку се нашите барања основани, што значат, зашто баравме мало пролонгирање на роковите, да останеме „живи“ на пазарот и да се носиме со вакви тешки, кризни услови кои предлого траат. Имаме ветување од Владата дека ќе оствариме средба за овие наши барања, дека тие веќе се разгледуваат на ниво на технички тимови во надлежните министерства, рече претседателот на Асоцијацијата.

Според Стопанската комора, во рамки на ЦЕФТА, металниот комплекс и покрај проблемите предизвикани од глобалната криза, подолг временски период бележи доминантно учество во вкупниот извоз на земјава и во размената.

Металургијата во националниот БДП бележи учество од 7,8 отсто, во структурата на индустриското производство 12 проценти и во бројот на вработените со 16 отсто.

Слично

Поврзани вести