НДМ бара да се утврди дали Иванов може да ја врши функцијата
Народно движење за Македонијa поднесе иницијатива до Уставниот суд за поведување на постапка за постоење на околности кај претседателот, Ѓорге Иванов кои може да влијаат на неговата спреченост да ја врши функцијата.
Со иницијативата се предлага покренување на постапка за утврдување на спреченост на претседателот на Иванов да ја врши својата функција.
„Иванов, со своите контрадикторни одлуки за аболицијата побудува сериозно сомнение дека постојат случаи кои влијаат врз неговата душевна состојба и слабоумноста во контекст на неговото размислување да не може да ги сфати дејствијата кои ги презема. Поточно, Иванов не може да распознае што е интерес на државата и граѓаните со аболицијата, бидејќи носи две различни одлуки за иста работа и притоа за двете одлуки вели дека се во интерес на државата и граѓаните“ - вели Злате Војноски, член на Извршниот комитет на НДМ.
Според НДМ ваквото однесување на претседателот предизвикува силна вознемиреност, затоа што може да доведе до немерливи последици за земјата.
„Сега судиите на Уставниот суд како единствено надлежни да постапуваат по оваа иницијатива, ја имаат одговорноста да утврдат дали претседателската власт како здраворазумска, јавна и одговорна власт се врши во рамките на границите на правото“-додава Војноски.
Од партијата бараат Уставниот суд да покрене постапка за утврдување на спреченост на претседателот на државата да ја врши функцијата.
