НБРМ трупа златни прачки од конфискувано злато
Централната банка го зголеми монетарното злато во девизни резерви за 2.288 унци, односно од 218.875 унци се искачи на 221.163 унци злато.
Како што информираше НБРМ, се стекнала со 6 нови прачки на монетарно злато со пазарна вредност од околу 2,6 милиони евра.
Оваа постапка се остварила согласно со Одлуката на Владата за претворање на пригодните ковани пари во монетарно злато и согласно со измените и дополнувањата на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, според коишто на Народната банка ѝ беа отстапени дефинитивно одземени златни предмети од Агенцијата за управување со одземен имот.
Пригодните ковани пари и дефинитивно одземените златни предмети беа испратени на постапка на претопување во швајцарска топилница, по што функционално се претворија во монетарно злато и се вклучија во девизните резерви на Република Македонија.
