НБРМ со мерки за забавување на високиот раст на долгорочните потрошувачки кредити
Народната банка денеска ја усвои одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за методологијата за утврдување на адекватноста на капиталот со која се воведуваат мерки за забавување на високиот раст на долгорочните потрошувачки кредити.
„Во последните две години, се забележува доста брз раст на потрошувачките кредити, пред сѐ потрошувачките кредити со рочност над десет години, чијашто годишна стапка на раст во септември 2015 година достигна дури 47,5%. Во практиката, речиси секогаш, по брзиот раст на кредитирањето, вообичаено проследен и со олеснување на условите за кредитирање, следи период на отежната наплата на побарувањата. Засега, портфолиото на потрошувачките кредити на македонските банки не покажува остварување на ризиците од брзиот раст и олеснетите услови за кредитирање. Растот на нефункционалните потрошувачки кредити е умерен, но забрзува во последните месеци. Сепак, под влијание на забрзаниот кредитен раст, учеството на нефункционалните потрошувачки кредити во вкупните потрошувачки кредити е на релативно ниско ниво (5,2%)“, велат од Банката.
Мерките се воведуваат за да се ограничат потенцијалните ризици од забрзаниот раст на долгорочните потрошувачки кредити, односно за да се влијае превентивно на сигналите за можните идни растечки ризици од овие кредити, и тоа не само за квалитетот на кредитното портфолио на банките, туку и за нивото на задолженост на населението, бидејќи расте задолженоста на постојните, а не на нови кредитокорисници на банките.
Со мерката се зголемува капиталното барање за банките за долгорочните потрошувачки кредити со рок еднаков или подолг од осум години. За да не се предизвикаат поголеми потреси на пазарот на потрошувачкото кредитирање, а сепак стапките на раст да се сведат на умерено ниво, оваа мерка е насочена само конновоодобрените долгорочни потрошувачки кредити, односно кредитите со рок еднаков или подолг од осум години одобрени по 1.1.2016 година, при што се опфатени и пролонгациите и реструктурирањата. Оваа мерка не значи дека банките ќе престанат да даваат потрошувачки кредити со подолги рокови, но реално е да се очекува дека банките ќе го следат сигналот на Народната банка и ќе придонесат за забавување на брзиот раст на овие кредити.
Понатаму, за да се спречи можноста од пренасочување на задолжувањето кон кредитните картички и пречекорувањата на трансакциските сметки (коишто имаат доста стабилен и умерен раст) поради мерката во однос на долгорочните потрошувачки кредити, се воведува повисоко капитално барање и за растот на пречекорувањата на трансакциските сметки и кредитните картички остварен во однос на 31 декември 2015 година. И во овој случај, мерката не се однесува на постојниот износ на одобрени и искористени дозволени пречекорувања на трансакциските сметки и кредитните картички, туку придонесува за евентуално нивно натамошно зголемување.
Исто така, со оваа одлука, се создаваат услови за олеснување на пристапот на правните лица, пред сѐ на малите и средните претпријатија до финансиските услуги. Имено, се намалува капиталното барање за издадените гаранции од страна на банките со кои се гарантира плаќање врз основа на одреден деловен однос на клиентот и за побарувањата на банките коишто се обезбедени со деловен простор којшто исполнува определени услови. Со ова, покрај усогласувањето со европската регулатива 575/2013 од 26 јуни 2013 година за прудентните барања за кредитните институции и инвестициските фирми, се овозможува банките да одвојуваат понизок износ на капитал за кредитногаранциското работење со правните лица, вклучително и малите и средните претпријатија, што од своја страна може да предизвика намалување на трошокот на банките, а со тоа и на клиентите за овој тип работење.
Советот ја усвои и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за управување со кредитниот ризик, според која, почнувајќи од 30 јуни 2016 година, банките ќе вршат отписи на сите побарувања коишто се целосно резервирани подолго од две години, односно кај кои пред најмалку две години банката го утврдила и целосно го покрила кредитниот ризик од ненаплата. Согласно со постојната регулатива, банките се должни целосно да ги резервираат побарувањата каде што клиентот доцнел најмалку една, па сѐ до пет години доколку има одредено обезбедување, а со новата мерка, по истекот на две години откако целосно ги резервирала, е должна да ги отпише. Притоа, банките и понатаму ќе имаат можност и обврска да преземаат активности за наплата на овие побарувања, иако се отпишани. Особено е значајно тоа што со оваа мерка не се предизвикуваат дополнителни трошоци за банките, бидејќи се отпишуваат побарувања коишто се веќе целосно резервирани, најмалку пред две години.
Заради позитивните ефекти врз кредитната активност на банките и севкупната домашна економија, Советот одлучи да ја продолжи примената на нестандардната мерка за намалување на основата за задолжителна резерва во денари на деловните банки за износот на новоодобрените кредити на нето-извозниците и на домашните производители на електрична енергија за дополнителни две години. Следствено, се очекува дека банките ќе продолжат со активна кредитна поддршка на овие компании преку широка понуда на нови кредитни производи и поповолни каматни стапки заради натамошен пораст на придонесот на ова кредитирање за зголемувањето на кредитите на корпоративниот сектор во целина.
Советот, на денешната седница, ја разгледа и ја усвои и Политиката за управување и инвестирање на девизните резерви на Република Македонија. Политиката ги содржи насоките за основната валутна структура на девизните резерви и можноста за дозволени отстапувања, заради диверзификација на ризикот и максимизација на повратот. Исто така, се разработени и сите инструменти и трансакции во процесот на управување и инвестирање на девизните резерви. Воедно, со Политиката се утврдува и поделбата на одговорности во Народната банка во делот за управување со девизните резерви, при што Советот е надлежен за утврдување на целите при управувањето и инвестирањето на девизните резерви, начинот на определување на структурата по портфолија, валутната структура и опфатот на средствата, како и поставувањето на прифатливото ниво на кредитниот и пазарните ризици.
На седницата беше усвоена и Програмата за работа на Народната банка на Република Македонија за 2016 година, којашто содржи детален преглед на планираните активности за следната година. Во рамките на актите коишто се однесуваат на работењето на Народната банка на Република Македонија за следната година, Советот ги разгледа и ги усвои и Програмата за работа на Дирекцијата за внатрешна ревизија за 2016 година и Среднорочната програма за работа на Дирекцијата за внатрешна ревизија 2016 - 2018 година. На денешната седница, Советот на Народната банка на Република Македонија ги разгледа и ги усвои и Финансискиот план, Планот за инвестиции и Планот за јавните набавки за 2016 години.
