Економија, финансии, бизнис

Контакт

НБРМ: Се потврди стабилноста и издржливоста на македонскиот банкарски систем

НБРМ: Се потврди стабилноста и издржливоста на македонскиот банкарски систем

Во вториот квартал годинава се потврди стабилноста и издржливоста на македонскиот банкарски систем, соопштуваат од НБРМ.

Советот на Народната банка на Република Македонија денес ја одржа својата единаесетта седница, на која беше разгледан и усвоен Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во Република Македонија

Оттаму наведуваат дека во услови на домашна политичка нестабилност, во вториот квартал од 2016 година, активата на банкарскиот систем забележа пад од 1,5%, којшто беше особено изразен во април и мај, кога влошените очекувања на економските субјекти доведоа до повлекување депозити од банките. 

„Овие движења, проследени со шпекулативниот раст на побарувачката за девизи на менувачкиот пазар, ја наметнаа потребата од зголемување на каматната стапка на благајничките записи и на стапката на задолжителна резерва за обврските на банките во денари со девизна клаузула. Воедно, Народната банка повторно им овозможи на банките да пласираат девизни депозити по позитивни каматни стапки. Како резултат од овие мерки на Народната банка,  падот на депозитите на домаќинствата сопре, и од јуни повторно бележат раст. Поради високиот износ на ликвидни средства насобрани во претходните периоди, намалувањето на депозитите во вториот квартал немаше позначителни преносни ефекти врз кредитите на банките. Кредитите забележаа солиден квартален раст од 2,4%, со што годишниот раст изнесуваше 8,2%. Од податоците за растот на кредитите се изземени ефектите од преносот на дел од целосно нефункционалните кредити во вонбилансната евиденција до 30 јуни 2016 година, коешто беше задолжително за банките“ - стои во соопштението од НБРМ.

На крајот од кварталот, учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити изнесуваше 7,5%. Ризикот за сопствените средства на банките од остварување на кредитниот ризик во иднина не е висок, поради високата покриеност на кредитите со издвоената исправка на вредноста, но и поради задоволителниот обем и квалитет на сопствените средства на банките.

„Со повлекувањето на депозитите од банкарскиот систем во второто тримесечје од 2016 година, се намалија ликвидните средства на банките, но поради нивната претходно висока состојба, како и поради инструментите на Народната банка за креирање ликвидност, кредитниот раст не беше загрозен, а профитабилноста и натаму се зголемуваше. Стапката на адекватност на капиталот забележа благ пад во вториот квартал и на 30 јуни изнесуваше 15,6%“ - стои во соопштението. 

Советот разгледа и други прашања од својата надлежност.  


Слично

Поврзани вести