НБРМ: Последното тримесечие забележа солиден економски раст
Најновите показатели покажуваат дека економската активност и понатаму расте со солидно темпо, делумно поддржана од кредитната активност на домашните банки. Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци и без притисоци во надворешниот сектор. Девизните резерви и понатаму се на соодветно ниво, коешто е доволно за справување со евентуални непредвидени шокови во иднина. Што се однесува на ефектите врз домашната економија, поврзани со домашните политички случувања, се оценува дека тие се ограничени. Сепак, и понатаму постои неизвесност во окружувањето, што создава ризици за следниот период. Во вакви услови, излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од понатамошното стабилизирање на домашниот политички контекст и нeговите ефекти врз економијата, како и од промените во надворешната позиција и ефектите врз девизните резерви, стои во соопштението на Народна Банка.
По растот на БДП од 3,5% во третиот квартал, најновите расположливи показатели за последното тримесечје покажуваат дека овие трендови продолжуваат, што е особено видливо во индустријата, трговијата и градежништвото. Растот на економијата е во склад со октомвриските очекувања. Сепак, и покрај овие поволни движења, неизвесното глобално закрепнување, а особено неповолните услови на глобалниот пазар на метали и неизвесноста заради домашните политички случувања и понатаму остануваат ризици коишто може да влијаат на темпото на идното закрепнување.
Податоците за инфлацијата заклучно со декември покажуваат годишно намалување на општото ниво на цените во домашната економија за 0,3%, во просек. Во услови кога и цените на храната и базичната инфлација, во просек за целата година, бележат раст, намалувањето на цените е последица на падот на цените на енергијата. Остварувањата се нешто под проекциите, а имајќи ги предвид и очекувањата за пониски светски цени на енергијата и на прехранбените производи, упатуваат на надолни ризици за проекцијата за инфлацијата за следниот период. Честите промени во очекувањата за цените на примарните производи упатуваат на значителна неизвесност околу идното движење на овие производи и голема можност за ненадејни промени кај овие категории.
Девизните резерви во последното тримесечје забележале раст, што најмногу се должи на задолжувањето на државата на меѓународниот финансиски пазар со издавање на евро-обврзницата. Растот на резервите е нешто помал од проектираниот, но отстапувањата се мали, а показателите на адекватноста на девизните резерви остануваат во сигурната зона. Воедно, и девизниот пазар веќе подолг временски период е релативно стабилен. Расположливите показатели за надворешниот сектор покажуваат дека трговскиот дефицит и приватните трансфери, како клучни компоненти на тековната сметка, засега се движат во проектираните рамки.
Ликвидноста на банките во декември се задржа на релативно стабилно и високо ниво. Во такви околности, банките пласираа дел од вишокот средства во расположливи депозити кај Народната банка, а тргувањето на пазарот на пари регистрираше умерен пад на месечна основа. На девизниот пазар беше регистриран вообичаен сезонски раст на побарувачката на девизи од страна на клиентите. Во услови на засилена побарувачка и умерен пад на нето девизната позиција на банките во првата половина од месецот, девизниот курс имаше умерен нагорен тренд, при што дел од побарувачката беше надоместен преку интервенции од страна на Народната банка. Со зголемување на понудата кон крајот на месецот, главно како сезонски ефект од повисока понуда на менувачкиот пазар, курсот на меѓубанкарските трансакции имаше надолен тренд до крајот на годината.
Во однос на кредитниот пазар, првичните податоци за декември покажуваат силен месечен раст на вкупните кредити на приватниот сектор, при што кредитната поддршка во голем дел беше насочена кон корпоративниот сектор, а во помал дел и кон секторот „население“. Со тоа, кредитите на приватниот сектор продолжија да растат со солидна годишна стапка на раст, којашто е повисока од очекуваната со октомвриските проекции. Се очекува кредитната поддршка на корпоративниот сектор којашто беше присутна во декември да продолжи и во наредниот период, делумно поддржана и од последните мерки што ги презеде НБРМ, а коишто се целни и со макропрудентен карактер. Така, во декември беа донесени сет мерки, коишто би требало да придонесат за ограничување на ризиците од високиот раст на долгорочните потрошувачки кредити врз финансиската и макроекономската стабилност, од една страна и олеснување на пристапот до финансирање за корпоративниот сектор и поефикасно управување со кредитниот ризик од страна на банките, од друга.
Во декември беше забележан и висок месечен раст на вкупните депозити, поддржан и од депозитите на претпријатијата и од депозитите на населението, каде што се забележува поголем раст на штедењето во денари. Декемвриските остварувања кај депозитите придонесоа за зголемено штедење во банките во однос на проекциите од октомври, што заедно со зголемувањето на склоноста за штедење во денари упатува на одредено стабилизирање на очекувањата на економските субјекти.
Наспроти пазарните очекувања за посилна дивергенција во монетарната поставеност во евро-зоната и САД, ЕЦБ донесе одлука за поумерено монетарно олабавување од очекуваното. Од друга страна, Централната банка на САД, согласно со очекувањата, ја зголеми основната каматна стапка. Сепак, последиците од промената на курсот на монетарната политика во САД сè уште се неизвесни за останатите земји и глобалните финансиски пазари, на коишто доминираат надолните ризици, меѓу кои и ризиците од падот на цената на нафтата. На почетокот на годината, на пазарите беше присутно влијанието од падот на цените на берзата во Кина, што се одрази врз движењата на берзите и во развиените и во земјите во развој. Притоа, загриженоста на инвеститорите за растот на кинеската економија и умерено зголемените геополитички ризици, доведе до генерално зголемување на одбивноста кон ризик.
Општо земено, последните остварувања укажуваат на задржување слична макроекономска слика, како и оценетата во рамки на октомвриските проекции, со солиден економски и кредитен раст, отсуство на ценовни притисоци и платнобилансна позиција којашто обезбедува натамошно одржување на девизните резерви на адекватно ниво.
Основите на економијата и натаму се солидниа ризиците произлегуваат од надворешното, но и од неизвесното домашно окружување.
