НБРМ: Намалувањето на девизните резерви во најголем дел е резултат на раздолжувањето
По денешните објави од неколку медиуми во врска со намалувањето на девизните резерви, реагираат од Народната банка на Република Македонија со соопштение.
„Намалувањето на девизните резерви во најголем дел е резултат на раздолжувањето на Република Македонија кон меѓународните кредитори и намалување на севкупниот долг на Република Македонија, нешто што веќе беше најавено и од Министерството за финансии. Дополнително, беа вратени достасани девизни депозити на домашните деловни банки пласирани во Народната банка во периодот од мај 2016 година наваму“ - наведуваат од НБРМ.
Станува збор за планирани активности, при што девизните резерви остануваат на солидно високо ниво од над 2,55 милијарди евра, или 349 милиони евра повеќе од состојбата пред една година, додаваат од оваа институција.
