НБРМ: Монетарната поставеност соодветна, ликвидноста на банките под влијание на автономните фактори зголемена
На вчерашната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, биле разгледани состојбите во домашната економија и земјите во регионот, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и најновите макроекономски показатели во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Oцената на економските и финансиските услови покажала дека постојната монетарна поставеност е соодветна, и било одлучено на аукцијата да се понудат благајнички записи на ниво на износот којшто достасува (25.500 милиони денари), со непроменета каматна стапка од 3,25%, информираат за ФАКТОР.МК од кабинетот на гувернерот.
Економијата и понатаму закрепнува со солидно темпо, во еден дел поддржана и преку кредитната активност на домашните банки.
Економското закрепнување се одвива без ценовни притисоци додека ваквите движења упатуваат на постоење соодветен амбиент за одржливо закрепнување на приватниот сектор, при што повторно било оценето дека домашната економија е доволно поддржана преку преземените мерки на монетарната политика.
Излегувањето од зоната на приспособлива монетарна политика во следниот период ќе зависи од промените во надворешната позиција на економијата и ефектите врз девизните резерви, се посочува во соопштението на НБРМ.
Имено најновите макроекономски показатели, не упатуваат на поголеми промени во амбиентот за водење на монетарната политика. Во однос на економската активност, објавените податоци за БДП за третиот квартал покажаа нешто посилен раст на економијата во однос на очекувањата. Притоа, секторски гледано, растот е дисперзиран, а гледано од аспект на побарувачката, структурата на растот во ова тримесечје е нешто поповолна во однос на очекуваната, а импулсот од инвестициите е посилен од очекуваниот, за сметка на послабиот ефект од приватната потрошувачка.
Високофреквентните податоци за последниот квартал на 2014 година упатуваат на натамошен раст на домашната економија, со, веројатно, слично темпо како и во претходниот квартал. Континуитетот на растот на економијата во последното тримесечје се согледува преку најголемиот дел од секторските показатели, со исклучок на градежните работи, кои што при висока споредбена основа и понатаму бележат годишен пад.
Најновите податоци за инфлацијата во декември2014 година покажуваат непроменето ниво на цени во однос на претходниот месец. На годишна и на збирна основа, инфлацијата е негативна и изнесува 0,5% и 0,3%, соодветно.
Просечното годишно намалување на цените во 2014 година главно е резултат на пониските цени кај прехранбената компонента и цените на енергијата. Притоа, карактеристично е што во последниот квартал се забележува постепено исцрпување на негативниот придонес на цените на храната, додека негативниот ефект на цените на енергентите станува поизразен, што соодветствува со остриот пад на цените на нафтата на светскиот пазар. При присутни пренесени ефекти од падот на цените на храната и енергијата, надолни придвижувања бележи и базичната инфлација. Базичната инфлација веќе четврт последователен месец е во зоната на негативни годишни промени, иако во просек за цела 2014 година останува во позитивна зона и изнесува 0,6%. Последните остварувања за 2014 година упатија на остварување на стапка на инфлација којашто е во согласност со очекувањата во октомвриските проекции.
Во однос на надворешните претпоставки, оцените за светските цени на нафтата се коригирани надолу, а кај цените на храната корекциите се во обратна насока. Со оглед на промените во очекувањата кај цените на нафтата, тековно постојат надолни ризици во однос на проектираната инфлација за 2015 година. Сепак, треба да се има предвид дека постои голема неизвесност околу идното движења на светските цени на нафтата и можноста за нагли промени кај оваа категорија.
По високото акумулирање на девизни резерви во третото тримесечје, во најголем дел заради надворешното задолжување на државата, во последниот квартал девизните резерви биле речиси непроменети.
Движењата на девизниот пазар биле поволни, при што во декември бил откупен висок износ на девизи. Промените на девизните резерви се нешто поповолни од очекуваните, при што расположливите податоци за надворешниот сектор укажуваат на тековната сметка, како можна причина за овие поповолни движења.
Показателите на адекватност на девизните резерви и понатаму укажуваат на ниво на девизни резерви коешто е доволно за справување со евентуални, непредвидени шокови. Сепак, со оглед на зголемената неизвесност и сè уште неповолното надворешно окружување, и натаму постојат ризици околу идното движење на резервите.
Првичните декадни податоци за кредитниот пазар во декември покажуваат натамошно засилување на растот на кредитите на месечна основа. Како и во ноември, поголемиот дел од новото кредитирање повторно било насочено кон корпоративниот сектор, при што кредитите на претпријатијата учествувале со 87% во растот на вкупните кредити. Со тоа, годишната стапка на раст на вкупните кредити во декември изнесува 10%, што е над проекцијата.
Во однос на депозитниот потенцијал, во текот на декември дошло до значително засилување на месечната динамика на раст (подеднакво поддржана од растот на депозитите на домаќинствата и растот на депозитите на корпоративниот сектор), со што и кај депозитите било регистрирано натфрлање на октомвриската проекција за последниот квартал. Поместувањата на кредитниот пазар даваат сигнал за постабилни очекувања и преносни ефекти на досегашното монетарно олабавување врз кредитната активност.
Ликвидноста на банките под влијание на автономните фактори се зголемила, што условило натамошен релативно висок интерес на банките за расположливите депозити кај Народната банка. На пазарите на пари, во услови на релативно висока ликвидност, пазарните учесници го намалиле тргувањето, како на необезбедениот пазарен сегмент, така и на секундарниот пазар на хартии од вредност. На девизниот пазар биле регистрирани релативно поволни движења, коишто биле одраз на сезонски зголемената понуда, при истовремено умерено намалување на побарувачката на девизи. Во такви околности, Народната банка интервенирала со откуп на девизи од банките-поддржувачи.
На меѓународен план, во декември се зголемиле очекувањата на пазарните учесници за започнување на квантитативното олеснување од страна на ЕЦБ, во услови на натамошни индикации за слаб раст во евро-зоната и влез на инфлацијата во негативната зона. Во такви околности е регистриран надолен тренд на движење на вредноста на еврото во однос на американскиот долар. Исто така, пазарите во евро-зоната се карактеризираат со умерена нестабилност под влијание на зголемените политички ризици за Грција, поврзани со парламентарните избори закажани за крајот на јануари.
Општо земено, најновите оцени на НБРМ не упатуваат на големи промени во амбиентот за спроведување на монетарната политика. Се очекува, показателите за адекватност на девизните резерви и натаму да останат во сигурна зона. Нема ценовни притисоци, економскиот раст е солиден, додека случувањата на кредитниот пазар укажуваат на поволни движења на овој пазар.
При вакви поволни економски услови, од НБРМ посочуваат дека во следниот период главно ќе бидат насочени на следење на остварувањето на проектираната патека на девизните резерви и случувањата на девизниот пазар и ќе ја приспособуваат монетарната политика соодветно на тоа.
Како и досега, ризиците за основното макроекономско сценарио главно се од надворешна природа и се поврзани со евентуалните промени во динамиката на заздравување на глобалниот економски раст и променливоста и неизвесноста околу динамиката на светските цени на енергијата и храната, којашто во последниот период е особено изразена, потенцираат од НБРМ.
Исто така од НБРМ посочуваат дека внимателно ќе продолжат да ги следат идните макроекономски движења и евентуалното остварување на ризиците и соодветно на тоа, ќе ја приспособуваат монетарната политика.
