НБРМ ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни поени
Народната банка ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, така што каматната стапка изнесува 2,75.
Намалувањето на каматната стапка, велат од НБРМ е одраз на континуирано поволните движења на девизниот пазар, коишто покажуваат солидна надворешна позиција и стабилни очекувања на економските субјекти.
„Поволни се и поместувањата во депозитната база на банките, што исто така е сигнал за стабилни очекувања и доверба. Општо земено и на оваа седница, Комитетот ги задржа досегашните согледувања за здрави економски основи и отсуство на нерамнотежи“, соопштија од НБРМ.
На седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ биле разгледани и клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Последните податоци за девизните резерви, пак покажуваат раст во однос на крајот на претходната година . Од НБРМ пак посочија дека поместувањата кај девизните резерви, се нешто повисоки од очекувањата во рамки на априлските проекции, а анализата на показателите на нивната адекватност покажува дека тие и понатаму се одржуваат во сигурна зона. „Во однос на монетарните движења, прелиминарните податоци за јули покажуваат задржување на континуитетот на растот и на депозитите и на кредитите. Забрзан раст на месечна основа е забележан кај депозитната база, при што поголем придонес за зголемувањето имаат корпоративните депозити, при истовремено зголемено штедење и на домаќинствата. Одредени позитивни поместувања на месечна основа во јули се забележуваат и на кредитниот пазар, во услови на раст на кредитирањето на домаќинствата. Во периодот април - јули, остварувањата кај депозитните и кредитните текови се повисоки од очекуваните за овој период“, додаваат од централната банка.
