НБРМ: Има намалување на побарувачката за девизи од физички лица
Од Народната банка на Република Македонија соопштуваат дека е намалена побарувачката за девизи од физички лица, по евидентираниот висок и невообичен раст во последната недела од минатиот месец.
„По преземените мерки од страна на Народната банка, обезбедување на потребна девизна ликвидност преку интервенции на девизниот пазар и зголемување на основната каматна стапка на 3 мај годинава, движењата постепено се нормализираат, што се согледува преку континуирано намалување на побарувачката за девизи од страна на физичките лица“ - објаснуваат од НБРМ.
Гувернерот на НБРМ, Димитар Богов претходно во интервју за Ројтерс кажа дека скоро целосно е запрено повлекувањето на депозитите од банките по шпекулациите во врска со политичката криза во Македонија.
Како што наведе Богов, во април се повлечени 1,8% од депозитите во банките што е прв таков случај по повеќе години постојан раст на депозитите.
