НБРМ го усвои извештајот за работата на внатрешната ревизија за 2014 година
Денеска Народната банка на Република Македонија ја одржа својата трета седница и на истата беше разгледуван и усвоен Извештајот за работењето на внатрешната ревизија за 2014 година.
Констатацијата е дека Дирекцијата за внатрешна ревизија целосно ја спровела својата програма за работа.
„Внатрешната ревизија ги остваруваше своите основни цели Преку систематско оценување и давање препораки за подобрување на процесот на управувањето со ризиците, адекватноста и ефективноста на внатрешните контроли, давајќи уверување за ефикасна и економична употреба на ресурсите, безбедно чување и заштита на средствата, веродостојност и интегритет на финансиските и другите информации и усогласеност на работењето со законските и подзаконските акти, интерните политики и процедурите за работа. Во 2014 година беа извршени вкупно 18 редовни ревизии на 35 работни процеси, при што за утврдените наоди беше дадена вкупно 61 препорака за подобрување на системот на интерни контроли“, соопштуваат од НБРМ.
Спроведувањето на дадените препораки и сознанијата од извршените следења укажуваат на тоа дека препораките главно се почитуваат и се остваруваат во зададените рокови а нивото е исплнето со 96,4%.
Исто така, врз основа на предвидениот распоред и динамика на активностите, НБРМ ги усвои и Одлуките за издавање и Одлуките за пуштање во оптек на кованите пари за колекционерски цели „Близнаци’’ и „Рак’’ од серијата „Хороскопски знаци’’. Кованите пари „Близнаци’’ и „Рак’’ се со апоен од 10 денари во количина од 7000 парчиња.
На денешната седница Советот го усвои и новиот Правилник за истражувачката активност, кој овозможува натамошно унапредување на рамката за истражувачката активност и нејзино усогласување со светските практики. Правилникот обезбедува средина во која се стимулира истражувачката активност и ги поттикнува вработените за објавување трудови во меѓународни списанија со фактор на влијание, во функција на натамошно зајакнување на институционалниот капацитет и поширока промоција на институцијата.
