НБРМ: Финансискиот систем е стабилен и непречено функционира
Денес во просториите на Народната банка се одржа редовна средба помеѓу високите претставници од институциите коишто се надлежни за регулирање и надзор на одделните сегменти од финансискиот систем на Република Македонија: Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување (МАПАС), Комисијата за хартии од вредност и Народната банка.
На состанокот се разговарало за состојбите и главните предизвици во секој од сегментите од финансискиот систем. Притоа, се заклучило дека секој од сегментите е стабилен и непречено функционира и со тоа придонесува за одржување на севкупната финансиска стабилност на Република Македонија.
Од НБРМ соопштуваат дека се разговарало и за постигнатиот напредок во унапредувањето на регулативата и стандардите за работење на финансиските институции, во согласност со меѓународните најдобри практики и директивите на Европската Унија.
