Економија, финансии, бизнис

Контакт

НБМ ЗА БУЏЕТОТ: Вкупните приходи растат, ДДВ паѓа!

НБМ ЗА БУЏЕТОТ: Вкупните приходи растат, ДДВ паѓа!
Капиталните расходи се намалиле, но вкупните буџетски трошоци биле во пораст. Во исто време, регистриран бил и раст на вкупните буџетски приходи, но намалување имало кај приходите од носечкиот данок ДДВ. Ова се дел од констатациите на Народната Банка, нотирани во најновиот извештај со кој се опфаќа периодот од јануари до крајот на октомври. Приходите од данокот на добивка во пораст, ДДВ се намалува .. Според анализaта на Народната Банка, заклучно со октомври 2015 година а во  согласно со Ребалансот на Буџетот, остварувањето на буџетските приходи во периодот јануари-октомври изнесува  78,8%. Анализирано по одделни категории, најголемо остварување бележат приливите врз основа на данокот на добивка од 100,2%, што според НБМ,  упатува на можно натфрлање на планот до крајот на годината, а зад данокот на добивка следуваат акцизите со остварување од 85,8%. Извештајот нотира дека кај приливите врз основа на увозните давачки се забележува малку послабо остварување од 73,3%. “Номинално, буџетските приходи заклучно со октомври се повисоки за 11,2% на годишна основа, што во поголем дел произлегува од повисоките остварувања кај даноците, а во помал обем и од придонесите. Анализирано по одделни категории на даночни приходи, најголем индивидуален придонес има данокот на добивка, при забележано годишно зголемување и кај приливите од акцизи и врз основа на персоналниот данок на доход. Приливите врз основа на ДДВ од почетокот на годината бележат постојано годишно намалување“ посочуваат од Народната Банка. Во однос на расходите, во периодот јануари- октомври, се остварени 78,2% од планираните расходи за 2015 година. Во однос на индивидуалните категории, заклучно со октомври се забележува поголемо остварување на тековните трошоци од 81% додека кај капиталните трошоци реализиацијата изнесувала 57,3%. “Вкупните буџетски расходи во периодот јануари-октомври 2015 година изнесуваа 26,5% од БДП, што е повеќе за 0,6 п.п. од буџетските расходи остварени во истиот период од претходната година. Номинално, заклучно со октомври, буџетските расходи се повисоки за 7,2% во споредба со истиот период од минатата година, што целосно произлегува од зголемените тековни трошоци. Од друга страна, капиталните трошоци бележат намалување на годишна основ“, велат од НБМ. Во текот на октомври во Буџетот на Република Македонија беше остварен дефицит од 865 милиони денарии( 14 милиони евра) , којшто беше финансиран со задолжување  преку државни хартии од вредност на домашниот пазар. “На збирна основа, од почетокот на 2015 година, буџетскиот дефицит изнесува 14.739 милиони денари (или 2,7% од БДП17), што претставува 73,2% од предвидениот буџетски дефицит за 2015 година, согласно со Ребалансот на Буџетот. Во однос на неговото финансирање, буџетскиот дефицит во периодот јануари-октомври беше финансиран преку депозитите на државата кај НБРМ и дополнително емитување државни хартии од вредност“, се посочува во извештајот на Народната Банка. Од таму обелоденуваат дека на крајот на ноември вкупната задолженост на државата на домашниот пазар изнесува 1,26 милиони евра. Според прогнозите на НБМ, се очекува натамошен поволен тренд на економските движења и во текот на четвртиот квартал. “Сепак, неизвесноста околу овие движења е голема, имајќи предвид дека оценките се засноваат врз мошне мал обем на расположливи податоци. Воедно, домашните ризици поврзани со политичките случувања во земјата се и натаму актуелни, што ја зголемува неизвесностa во поглед на растот на економијата во четвртиот квартал“, нотира Народната Банка. Во однос на инфлацијата, во ноември е забележан мал просечен годишен пад на потрошувачките цени, што ги одразува пониските цени на енергијата и храната, додека базичната инфлација беше позитивна. Р.Ф.
Слично

Поврзани вести