Економија, финансии, бизнис

Контакт

НАВАЛА ОД ТУРИСТИ, ЗНАЧИТЕЛЕН РАСТ НА СТРАНЦИТЕ КОИ ЈА ПОСЕТИЛЕ МАКЕДОНИЈА – ќе знаеме ли да ги пречекаме и во иднина

НАВАЛА ОД ТУРИСТИ, ЗНАЧИТЕЛЕН РАСТ НА СТРАНЦИТЕ КОИ ЈА ПОСЕТИЛЕ МАКЕДОНИЈА – ќе знаеме ли да ги пречекаме и во иднина

Зачителен раст на туристите во текот на првите 11 месеци од 2022 година регистрираше Државниот завод за статистика. Бројките велат дека во земајва има голем поврат на странските туристи, каде што се регистрирани други 84,5 проценти повеќе посетители во споредба со истиот период 2021 година.

-  Бројот на туристите во ноември 2022 година изнесува 56.886, од кои 36,2 проценти се домашни туристи, а 63,8 отсто се странски туристи. Бројот на ноќевањата во ноември 2022 година изнесува 124.969, од кои 40,6 отсто се од домашните туристи, а 59,4 проценти од странските туристи – се наведува во соопштението на ДЗС.

Деталите покажуваат дека во периодот јануари – ноември 2022 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 38,8 отсто, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 6,2 проценти, а кај странските зголемувањето е за 84,5 отсто.

Во периодот јануари – ноември 2022 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 23,3 отсто, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 3,9 проценти, а кај странските зголемувањето е за 72,2 отсто.

Наум Мариноски, професор во пензија од Факултет за туризам и угостителство за Фактор посочува дека бројките за посетеноста на нашата земја се навистина позитивни.  

- Се очекуваше раст, но волку големи бројки не верувам дека беа очекувани. Придонес кон растот на бројот на посетители од странство сметам дека имаат посетите од земји кои досега ги немало во толку изразени бројки. Покрај редовните посетители, покрај гостите од соседството каде исто така има раст, се забележува зголемување и на туристи од локации кои досега не биле толку изразени. Иако нема од една земја особено значителен раст, туку од повеќе земји, сето ова придонесува кон зголемување на вкупниот број гости – укажува професорот.

Мариноски дополнува дека многу е важно во следниот период да се продолжи со стимулации во туристичкиот сектор, со цел да се одржат посетителите, но и да се зголемуваат бројките.

-  Има јасни формулации кои придонесуваат кон поголем број туристи, меѓу кои се стимулации за развој на хотелиерството, поддршка за туристичките агенции, на сите чинители во туристичкиот сектор. Меѓу нив секако и поддршка на авиопревозот кој во денешницата е многу значаен за развој на туризмот, и воопшто сите форми на поддршка. Напредокот треба да се гледа во иноватиноста која придонесува за развој на секторот – додава Мариноски.

Бројките кои ги објавува ДЗС покажуваат дека најмногу туристи во текот на минатиот месец сме имале од Труција од каде не посетиле 6.324 лица. Потоа следуваат гостите од Србија, од каде дошле 3.928 туристи, па следуваат јужните соседи 2.825 посетители, а нешто помала бројка на посетители сме имале и од соседна Албанија или поточно 2.459. Следни на листата се туристите од Бугарија од каде ни дошле 1.866 гости. Соседите, но и гостите од Труција и Полска се меѓу најбројните посетители низ целата година.

Досегашните анализи покажаа дека во првите три квартали од 2022 година девизниот прилив од туристичкиот промет достигнал 376 милиони долари, што е за 25 проценти повеќе од 2019 година. Очекувањата на надлежните се дека годинава ќе ја завршиме со 430 милиони долари од туристички промет.

Петранка Огнаноска


Број на туристи 

I -XI 2021  

I-XI 2022

Вкупно           

663.241         

920.364     

Домашни 

387.697 

411.891

Странски 

275.544 

508. 473

Извор: Државен завод за статистика

Слично

Поврзани вести