Наумовски се виде со Обама
Американскиот претседател Барак Обама вчера го прими новиот македонски амбасадор во САД Васко Наумовски во Белата куќа. На средбата било нагласено дека САД и Македонија ќе продолжат со соработката во одбраната, економијата и политиката, а двајцата соговорници се заложиле и за приоширување и унапредување на соработката меѓу двете земји.
„Ја искористив оваа можност да се заблагодарам за поддршката што САД ја даваат на Република Македонија во изминатите 20 години“, рече Наумовски по средбата.
На состанокот Наумовски му ги предал акредитивните писма на Обама. Со ова, тој формално ја презема улогата македонски амбасадор во Вашингтон, а од неодамна е и претставник на Македонија во разговорите за разликите околу името со Грција, што се водат во Обединетите нации.
Пред заминување од Македонија, Наумовски најави дека негов приоритет во работата во Вашингтон ќе биде динамизирање на политичките односи, организирање настани за привлекување американски инвестиции во Македонија со промоција на технолошките, индустриските и здравствените зони, промоција на туризмот и унапредување на соработката во одбраната, безбедноста, образованието, науката и културата.
Слично
