Наумов вети поголема поддршка од страна на државата за домашните компании
На средбата со претставниците на Здружението на стопанственици од индустриската зона во Визбегово, Дополнителниот заменик министер за финансии Кире Наумов од прва рака се запозна со проблемите со кои секојдневно се соочуваат компаниите во индустриската зона во Визбегово.
Претставниците на Здружeнието детално го информираа Дополнителниот заменик министер за финансии за проблемите со кои се соочуваат компаниите кои се дел од оваа индустриска зона, а во која не се достапни бенефициите кои ги имаат компаниите лоцирани во технолошко индустриските развојни зони.
Индустриската зона во Визбегово важи за најголемата во земјата со повеќе од 200 компании и остварен промет од 632 милиони евра во 2015 година. И покрај тоа, во зоната во Визбегово компаниите сеуште функционираат без основните услови почнувајќи од водоводна и канализациона мрежа, како и патна инфраструктура.
Неправедниот третман кој го имаат стопанствениците од индустриската зона Визбегово е огледало на третманот кој го имаат малите и средни домашни претпријатија во земјата во изминатиот период.
Кире Наумов на средбата истакна дека домашните компании ќе добиваат многу поголема подршка од страна на државата, затоа што тие се основа за раст на македонската економија.
Заедничка беше определбата дека преку директни средби и со искрена посветеност за краток период може да се надминат прооблемите со кои се соочуваат стопанствениците од индустриската зона во Визбегово, што позитивно ќе влијае на нејзин понатамошен развој.
