Економија, финансии, бизнис

Контакт

Наумов: Светска банка потврдува дека износот на јавниот долг за 2016-та година ќе изнесува 50 проценти

Наумов: Светска банка потврдува дека износот на јавниот долг за 2016-та година ќе изнесува 50 проценти

Загриженоста што ја изрази Светска банка за темпото на задолжувања во Македонија и за висината на јавниот долг е потврда на нашите предупредувања, вели дополнителниот заменик министер за финансии, Кире Наумов.

Начинот на којшто владее актуелната власт, преку задолжувања, негативно се одразува на економијата, смета тој и додава дека на Македонија и е неопходна власт којашто ќе работи домаќински. 

„Светска банка во Извештајот ги потврдува податоците што ги соопштив на граѓаните дека износот на јавниот долг за 2016-та година ќе изнесува 50 проценти. Банката соопшти дека очекува јавниот долг на Македонија да достигне 52.2% во 2017 година.
Исто така Светска банка предупредува за дефицит од 3.4% следната година што потврдува дека актуелната власт носи неразвојни буџети за економијата. Податоците во Извештајот на Светска банка се загрижувачки, ако се земе предвид предупредувањето од ММФ дека Македонија не смее да го покачи јавниот долг над 50% од БДП бидејќи ќе има проблеми со сервисирањето на долговите. На Македонија и е неопходна власт којашто ќе работи домаќински, којашто ќе се грижи за државата и за потребите на граѓаните и прв чекор во таа насока мора да биде носење развоен и транспарентен Буџет за 2017 година“ - реагира Наумов. 

Најновите прогнози на Светска банка не се премногу оптимистички за македонската економија која според нивниот нов извештај ќе има забавен раст и ќе достигне максимални 2% до крајот на година поради намалените инвестиции. Светска банка предвидува нешто поголем раст во 2017-та кога економијата ќе порасне за 3.3% со помош на нови инфраструктурни проекти.

Слично

Поврзани вести