Наумов: Постапката за задолжување на домашниот пазар се третира како палома хартија
Дополнителниот заменик министер Кире Наумов, во врска со денешното повлекување на проспектите за закажаната аукција на домашни хартии од вредност вели дека е обид за прикривање на прекршувањата на законските акти направени при нејзиното објавување.
„По денешното писмено барање од моја страна за доставување на целокупната документација која претходи на објавувањето на задолжувањето, проспектите мистериозно исчезнаа од веб страната на Министерството за финансии. Во Македонија и постапката за задолжување на домашниот пазар на хартии од вредност се третира како палома хартија“, вели Наумов.
Во соопштението испратено до медиумите, дополнителниот министер вели дека и покрај тоа што денеска се откажа аукцијата на државни записи, тој ќе ја продолжи постапката пред надлежните органи, поради фактот што и самото повлекување е спроведено надвор од законските прописи.
Наумов уште еднаш ги повика домашните кредитори на крајна претпазливост при секое наредно задолжување.
Имено, како што објавивме денешното задолжување на државата е откажано, а проспектите од страната на ресорното Министерство мистериозно исчезнаа
Државата требаше денеска да побара 813 илјади евра од домашните кредитори.
