Економија, финансии, бизнис

Контакт

Наумов: И Хари Костов отворено кажа дека Македонија е пред колапс

Наумов: И Хари Костов отворено кажа дека Македонија е пред колапс

И директорот на една од трите најголеми банки во Република Македонија отворено кажа дека Република Македонија незапирливо оди кон економски и финансиски колапс, вели за Фактор Кире Наумов дополнителен заменик министер за финансии, коментирајќи ја изјавата на Хари Костов дадена за Нова Македонија а во која предлага дека во земјава треба да се формира Валутен Борд , кој ќе има одлучувачки глас, а на власта ќе и се одземе суверенитетот врз јавните финансии.

Коментирајќи ја оваа изјава на Костов, Наумов посочува дека би било добро да се слушнат мислењата на останатите први луѓе од банкарскиот сектор.

„Интересно би било да се слушнат и размислувањата на останатите негови колеги од другите банки во Република Македонијa. Станува јасно зошто во изминатиот период учесниците на домашниот пазар на капитал запишаа помалку средства од тоа што владата, преку министерството за финансии, го побаруваше преку аукциите на домашни хартии од вредност. При тоа, мора да се има во предвид дека цела деценија фискалната политика е водена од кумашинскиот двоец Груевски -Ставревски. Тие се главните виновници за ризикот од банкрот којшто и се заканува на Република Македонија“, вели Наумов.

Сепак, Наумов додава дека тие како партија бараат формирање на независен фискален совет, а ако не ј гледаат потребата од Валутен борд, сепак не ја исклучуваат можноста и тоа во иднина да биде разгледно.

„Се согласувам дека е неопходна фискална консолидација и затоа СДСМ во својата програма нагласува дека бара екстремна транспарентност при донесувањето на Буџетот на РМ, наплатата на јавните приходи и посебно транспарентност при трошењето на парите на граѓаните. Воедно и во самата програма на СДСМ стои дека е неопходно формирање на независен Фискален совет. Во услови на скоро дваесет годишен период на фиксен курс, не гледаме некоја потреба од формирање на Валутен борд, но не ја исклучуваме и таа опција за разгледување во иднина“, вели Наумов.

Инаку Хари Костов, прв човек на Комерцијална банка и поранешен премиер посочи дека „Само крупни промени во свеста на политичките елити, но и на мнозинството граѓани, можат да ја придвижат Македонија во правилна насока. Затоа и моите размислувања за излезот од кризата се мошне радикални и, знам, неприфатливи за политичките партии и ќе бидат предмет на различни напади. Мора да се создадат инструменти, нови институции што ќе го одземат „суверенитетот“ врз јавните финансии од власта и ќе функционираат со консензус (за задолжувањето и извршувањето на буџетот), нешто како домашен валутен борд или фискален совет, во кој ќе седат и експерти од меѓународни финансиски институции, со право на одлучувачки глас. Да се формира влада на широка коалиција, без учество на компромитирани личности, чија политика ќе биде под постојан мониторинг на ЕУ во процесот на создавање европско законодавство и практики, со силни контролни механизми. За да се неутрализира внатрешниот непродуктивен судир, неопходен е авторитетот на меѓународните партнери за обезбедување јасна патека на политичките и финансиските текови. Впечатокот дека се заговара протекторат е помало зло од „суверенитетот“ на неодговорните политички елити, кои ја поткопаа иднината на државата. Тоа е пораз за сите нас, но, за жал, јас така размислувам. Во спротивно, ќе продолжат политичките поделби и омрази, а Македонија незапирливо ќе оди кон сценарио на економски и финансиски колапс, изјави Костов за Нова Македонија. 

Н.С.

Слично

Поврзани вести