Економија, финансии, бизнис

Контакт

Наумче Мојсоски демантира: Не напишав никаков статус на фејсбук за Порта Македонија!

Наумче Мојсоски демантира: Не напишав никаков статус на фејсбук за Порта Македонија!
„Не сум напишал, ниту објавил ништо на фејсбук. Јас немам фејсбук профил, а фан страната ја водат некои девојчиња кои не ги ни познавам“, изјави за Фактор ракометарот Наумче Мојсоски. Тој во моментов е во Романија, каде  настапува за клубот ЧСМ Букурешт. Попладнево по завршувањето на тренингот стапивме во контакт со нашиот поранешен репрезентативец и тој демантираше дека стои зад статусот кој предизвика лавина на коментари. Статусот на фан страната на Мојсоски, не се однесуваше на некој спортски настан, туку беше коментар за актуелната политичка ситуација во земјава. Напишаното предизвика различни чувства и коментари. Едни го напаѓаа дека завземал страна и дека со неговиот став го брани криминалот на актуелната власт, а други дека е вистински патриот кој застанал во одбрана на земјата од хулиганите кои протестираат. Мојсоски за Фактор изјави дека за статусот  напишан на фејсбук и реакциите прво му јавила сопругата, па неговите најблиски. Сите веднаш алармирале и пишувале до администраторот да го избрише статусот. „Статусот беше избришан, но доцна“, изјави Мојсоски. Освен на фан страната на Мојсоски, со сличен статус се јави и неговиот колега – ракометарот Борко Ристовски, потоа боксерот Вели Мумин и други спортисти. Сите овие ставови и статуси ги пренесоа провладините медиумите. Ова беше статусот кој беше објавен на фан страната на Наумче Мојсоски, а кој веќе го нема и е избришан. „Нема поголема чест да се промовира татковината, нема посилно чувство од тоа да се придонесува за својата земја. Македонија е мала земја, но со големо срце. Како репрезентативец секогаш сум играл со цело срце за мојата земја. Секој спортски успех, на било кој спортист претставува заеднички успех, мој, твој, на твојот сосед и роднина. Заеднички. Портата Македонија ги обединува сите спортски успеси. Таму е релјефот на Илинденците, партизаните, децата бегалци, таму е светото сонце по кое нас Македонците не препознаваат по светот. Сквернавењето, боењето, уништувањето на сето тоа значи газење на почитта кон сите оние кои се значајни за оваа држава, крвта и потта на патриотите, трудот на спортистите, заедничките успеси. Стоп за уништувањето. Тоа не е мојата Македонија која ја претставувам  целата моја кариера“. М.Ј.
Слично

Поврзани вести