НАТО ја разочара Црна Гора, не ја изненади Македонија
Одлуката на НАТО да нема проширување на претстојниот самит во Велика Британија предизвика разочарување во Црна Гора, која се надеваше токму на самитот во Велс да добие покана за членство во Алијансата.
Според црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, одлуката на НАТО не резултат на неизвршените реформи од страна на Црна Гора.
„Причините се во геополитичката сфера. Одлуката на земјите-членки на НАТО за Црна Гора е само условна и одложена, но од геополитички причини врз кои Црна Гора не може да влијае“, рече Ѓукановиќ, одговарајќи на пратенички прашања во црногорското Собрание.
Алијансата одлучи дури кон крајот на 2015 година повторно да ја разгледа кандидатурата на оваа земја и да одлучи дали ќе ја покани Црна Гора во членство.
Македонија во одлуката на министрите за надворешни работи на НАТО воопшто не е спомната, но ова не е изненадување за министерот за надворешни работи Никола Попоски. Соочена со грчкото вето, земјава нема на што да се надева.
„Македонија нема никаков друг предизвик кон членство, освен да помогне во внесувањето малку разум кај прекршувачот на меѓународното право во нашите сојузнички редови“, вели шефот на македонската дипломатија.
Министерот за надворешни работи на Грција Евангелос Венизелос, кој исто така учествуваше на состанокот во Брисел, нагласи дека прашањето за името на Македонија не е билатерален спор, туку меѓународно отворено прашање.
„Името претставува суштински проблем за регионалната стабилност, демократија, почитување на човековите права и владеењето на правото, почитувањето на Охридскиот договор, почитување на договорот од март 2013 помеѓу главните партии во нашата соседна земја, за која ние сме многу заинтересирани“, рекол Венизелос.
Слично
