„НАСТЕЛ“ ПРОДАВА, ЧЛЕНОВИТЕ НА УПРАВЕН ОДБОР КУПУВААТ - сопственички промени во „Реплек“, еве кој ги зајакнува позициите
Сопствениците и членовите на органите на управување на „Реплек“ купуваат акции од компанијата со која раководат, а оттаму акции продолжува да продава еден од некогаш најдоминантните акционери, компанијата „Настел“ на бизнисменоит Зоран Азманов.
Преку ценовно чувствителна информација објавена на Берзата, компанијата извести дека акции од „Реплек“ купиле едни од најголемите сопственици, браќата Душан и Владимир Пецовски, како и тројца членови на Управниот одбор.
Односно, Душан Пецовски, кој воедно е уи претседател на Управниот одбор и генерален директор на компанијата, се стекнал со 5 нови акции, со што поседува вкупно 31.615 или 12,20 отсто од вкупниот број на акции. Додека, пак, Владимир Пецовски се стекнал со 4 нови акции, со што поседува вкупно 16.444 или 6,34 проценти од капиталот на компанијата. Или двајцата заедно сега имаат 18,54 отсто од вкупниот акциопнерски капитал на компанијата.
Членот на Управниот одбор, Коста Котески купил 10 нови акции, при што вкупно поседува 360 обични акции, додека, пак, Панче Галевски, исто така член на УО, се стекнал со 5 нови акции, и сега има 305 обични акции, а уште еден нивни колега, членот на УО Марјан Велковски, купил 10 нови акции и сега има 40 обични акции како свое акционерско портфолио.
А, како што извести компанијата преку Берзата, акционерот „Настел ДООЕЛ“ во овој меѓупериод продал 97 акции, по што сега поседува вкупно 21.498 или 8,29 отсто од вкупниот број на акции.
Самата компанија Реплек, пак, држи 8,14 отсто од капиталот во форма на сопствени акции.
Н.Н.Ф.
Слично
