НАСТАВНИЦИ ОЦЕНУВАЧИ, УЧЕНИЦИ БРОЈКИ: Екстерното ја потона воспитно-едукативната настава!
Дали ќе има нов концепт на екстерно тестирање и истиот ќе биде по мерка на сите засегнати страни или ќе следи ново изненадување за учениците и професорите-ова се дилемите со кои деновиве се засегнати и едните и другите. Ставот на ресорниот министер за образование Абдилаќим Адеми дека за креирање на новите законски решенија ќе биде отворена широка јавна дебата која треба да ги вклучи пленумите и стручната јавност, а од друга страна дека поради политичката состојба образованието нема да биде во преден план за власта, според професорите фрла сомнеж дека се тактизира и се купува време, повторно на нивна штета.
Од Наставничкиот пленум велат дека помеѓу наставникот и ученикот постои една друга врска со човечка димензија во која учениците не ги гледаат како бројки или како име и презиме, туку личности со чувства, со проблеми, со своите добри и лоши навики, со домашното воспитување. Наставниците активно учествуваат во нивното созревање, ги моделираат да станат зрели и одговорни луѓе- процес кој како што велат не се постигнува со еден тест.
“Се сомневам дека нешто ќе се подобри. Министерот зборува за нов концепт но во исто време зборува и дека сега не е момент да се мисли на образованието. Од друга страна, екстерното тестирање во моментот е најболната точка во образовниот систем, нешто што може повторно да предизвика бојкот на учениците или нови протести што нема да и оди во прилог на Владата? Кој знае, можеби ќе решат да донесат уште еден закон по експресна скратена постапка. Дали така ќе се поправат грешките не можам да тврдам бидејќи министерот не кажал ништо конкретно околу новиот концепт. Како и да е, екстерното тестирање пак ќе ги окупира сите наши сили и сите расположиви човечки ресурси, почнувајќи од учениците и наставниците преку вработените во БРО, МОН, ДИЦ и така натаму. Поради екстерното тестирање сите овие институции како да заборавиле која е нивната примарна улога”-вели професорката Данијела Ѓорѓевиќ од Наставничкиот пленум.
Таа вели дека не памети кога последен пат е организирана проферсионална обука конкретно за некој наставен предмет, наставните програми се менуваат често, но обуки во врска со методолошкиот пристап кон новите содржини нема. Советниците додава немаат време да изработат стандарди за оценување по сите предмети што доведува до еден парадокс и нерамноправност и на учениците и на наставниците. Сите се подложни на екстерното тестирање под исти услови иако по одредени предмети нема основни услови за успешно изведување на настава.
“Не само што поедини наставници немаме стандарди по кои ќе оценуваме, а со екстерното не третираат и рангираат исклучиво како оценувачи), туку немаме ни учебници. Веќе подолг период не се издадени нови учебници, иако, како што кажав, имаме нови наставни програми. Знам дека некои конкурси за учебници не се решени и по неколку години од нивното завршување. За да ја доловам нерамноправноста ќе ги наведам како пример предметите Програмски јазици (исто важи и за други изборни предмети) и Англиски јазик. По првиот предмет има само наставна програма во која се наведени наставни содржини и образовни цели. Немаме ништо друго, ниту материјалот откаде да предаваме, ниту вежби и задачи кои ќе се решаваат на час, не знаеме до која длабочина да навлеземе во материјалот, со која тежина да задаваме задачи, се е оставено на нашата умешност и креативност. Колегите по Англиски јазик имаат учебник за учениците, прирачник за наставникот, комплетно разработен час со дадени прашања, вежби, тестови, методи, техники и тн. Како можеме сите ние да се најдеме на иста скала на рангирање? “- додава проф. Ѓорѓевиќ.
Од Наставничкиот пленум велат дека тие не сакаат да бидат заштитени од било каква анализа и контрола на нивната работа. Напротив, предлагаат нов концепт по кој екстерното тестирање би било во функција на анализа на состојбите и показател во која насока се движи образованието, а во исто време и показател на секој ученик за неговите знаења, како и на секој наставник да ги воочи своите добри и лоши страни и да се обиде да биде уште подобар во својата работа.
“Интересно е дека оваа година МОН не го објави списокот со казнетите и наградените наставници. Веројатно сметаат дека во моментот ќе заборавиме што значи екстерното тестирање и ќе ги заборавиме сите стресови низ кои поминавме и ние и учениците. Деновиве имаме пресврт на настаните, па и Синдикатот за образование подржува нов концепт за екстерно тестирање кое ќе се изведува најверојатно квартално. СОНК да излезе со предлог за екстерно! СОНК! Синдикат! Овој редослед на настаните на сите нас ни наметнува прашање каква е врска на синдикатот со Владата? Кога синдикатот конечно ќе почне да се занимава со работничките права на наставниците наместо заедно со Владата да нуди концепт за екстерното тестирање?”- нагласува професорката од Пленумот.
Пред да се донесат вакви решенија според неа мора да се вклучат многу стручни лица кои треба да дадат свое мислење. Нејасно е вели зошто надлежните со години ја изоставуваат воспитната компонента која со самото екстерно тестирање е сведена на минимум, а таа е клучниот сегмент во образовниот процес. Процесот на оценување и воспитување според неа има голема улога во создавање на една зрела, образована и одговорна личност подготвена за живот и работа.
“Ако со досегашниот концепт преку наградувања и казни се истакнуваше само еден аспект од работата на наставникот (оценување), а се занемаруваа сите други аспекти како предавање, воспитување, сега токму тој аспект се негира. Наставникот нема повеќе да оценува туку ќе изведе оценка од оценките добиени на екстерното тестирање. Автоматски се губи еден дел од образовната и воспитната компонента, се губи функција на часовите предвидени за повторување и утврдување на материјалот, се губи корелација помеѓу наставни теми и наставни предмети. Што е со ионака разнишаниот авторитет на наставникот? Како тие на учениците ќе им дадат мотивација за учење, како ќе ги стимулираат учениците да ги употребат сите свои потенцијали за да научат што е можно повеќе од тие знаења да ги применат”- објаснува професорката Данијела Ѓорѓевиќ.
Дополнителен проблем како што објаснува професорката е техничкиот аспект на евентуалното спроведување на екстерно тестирање на секои три месеци. Факултетите вели имаат колоквиумска недела, па нејасно е дали ќе се вове „екстерна недела“ бидејќи пет дена се малку за десет или петнаесет тестирања кога само за тестовите од наставната програма наставниците прават посебни планови и термини за да не бидат преоптоварување за учениците.
“Ако наставникот не оценува, тоа значи дека сите ученици ќе полагаат екстерен тест по сите предмети. Учениците имаат во просек десет предмети, а во некои струки дури и петнаесет предмети. За кој временски период учениците ќе ги полагаат тие десет теста? Колкав стрес треба да преживуваат учениците четирипати годишно? Освен тоа, сведоци сме дека за време на екстерното тестирање нашата работа не е на исто ниво, учениците кои полагаат се ослободени од настава, па дури и кога се на настава тие се оптоварени со тестот и не се во можност активно да следат настава која во меѓувреме мора да се одвива со предвиден тек. Дали сега наставата ќе се прекинува четирипати годишно?!”-прашува проф. Ѓорѓевиќ.
Досега како што вели никој не ги повикал на разговор ниту ги прашал за мислење иако Наставничкиот пленум отворено понудил соработка и ги ставил на располагање своите капацитети. Анализата за проблемите и последиците од екстерното тестирање и барањата на наставниците се доставени на крајот од минатата учебна година. Беа организирани дебати но надлежните не ја прифатија поканата.Наместо понуда за средба, досега објаснуваат професорите добиле само неосновани етикетрања и негирања. Ако, по некое чудо, како што велат бидат повикани на дебата ќе ги посочат сите нелогичности за кои досега многу пати отворено зборувале како негативните ефекти кое екстерното тестирање ги има по учениците и по целиот воспитно-образовниот систем. Наставничкиот пленум според нив не бара професорите и наставниците да бидат заштитени од анализа и контрола на нивната работа туку сакаат екстерни проверки кои би биле во функција на анализа на состојбите и показател во која насока се движи образованието. Казните и притисоците потенцираат, никако не се добар систем за мотивација и никако не можат да создадат добар наставник!
С.Б.
Слично
