Наставниците куртулија, на учениците товарот: Нема да има казни и награди за екстерното тестирање
Извештајот со резултатите од екстерното тестирање и ранг листата на професорите кај кои имале најмали и најголеми отстапувања во оценувањето Државниот испитен центар ќе ги објави на неговата и на веб страната на Министерството во рок од 10 дена од денот на стапување во сила на новите изменети Закони за основно и средно образование, значи меѓу 11 и 21 август.
Согласно измените, за оваа ранг листа, нема да има казни и награди, туку само советодавни обуки за најлошо рангираните наставници, а предвидени се и глоби за сите одговорни лица во образовните институции и во државните органи доколку не постапуваат според одредбите на Законот, вели министерот за образование Абдилаќим Адеми.
„Имено, со глоба од 600 евра ќе се казнат одговорните. Доколку директорот на основно или на средно училиште не ги почитува законите, тоа ќе биде основ за разрешување од страна на градоначалникот, а доколку тој во рок од 15 дена не го разреши директорот тогаш тоа ќе го стори министерот за образование и наука во рок од 15 дена“, појаснува Адеми.
Во меѓувреме, за учениците товарот од екстерното се зголемува. Со законските измени предвидено е дека на ученик кој не се јавил на екстерното проверување на постигнувањата на успехот и тоа не го оправдал со медицинска белешка односно со потврда за учество на државен или меѓународен натпревар му се запишува оценката недоволен во сведителството која понатаму има влијание на општиот успех на ученикот.
Учениците кои годинава не биле екстерно тестирани во предвидениот рок, сега ќе имаат уште една шанса на 14, 15 и 18 август - ќе полагаат 2685 ученици по еден или два предмети. Учениците три дена пред полагањето ќе знаат по кој предмет ќе бидат тестирани.
Освен ова, 3647 матуранти ќе го заокружат средното образование со полагањето матура во августовскиот испитен рок.
Екстерното тестирање при воведувањето беше најавено како модел кој треба пред се да ја оцени работата на наставниците и соодветноста на оценките што тие им ги даваат на учениците.
Слично
