Економија, финансии, бизнис

Контакт

Наставничкиот, средношколскиот и родителскиот пленум в недела на протест пред МОН-против екстерното тестирање!

Наставничкиот, средношколскиот и родителскиот пленум в недела на протест пред МОН-против екстерното тестирање!

Наставниците, средношколците и родителите  в недела излегуваат на протест пред Министерството за образование и наука, против како што велат една од најлошите образовни реформи-екстерното тестирање. За нив е несватлива упорноста на надлежните да останат индиферентни кон екстремно лошата состојба во која тоне образованието, особено по јавно искажаниот револт на учениците, професорите, студентите кои излегоа од училишните клупи и од улица испратија порака дека сакаат промени и квалитет во образовниот систем. Од Пленумот сметаат дека е потребен  мораториум на законите за основно и средно образование во кои е вметнато и екстерното тестирање, а потоа преку стручни анализи да се бараат квалитетни решенија.

“Екстерен тест со 30 однапред дадени прашања, со препознавање точен одговор што според Блумова таксономија тоа  е оцена Доволен 2 зашто е на ниво препознавање или репродукција и врз основа на резултатите од истиот ученикот добива оценка во свидетелство која најчесто не е реална,  а наставникот добива отстапки од годишната оцена и автоматски реперкусии по неговата плата која ќе се намали за 15% во траење од дванаесет месеци. Иако оваа година се одложени казните, тоа не значи дек ги нема, тие како предлог сами по себе се понижување за работата на просветниот работник и за знаењето на ученикот. На претставниците на Владата ќе им порачаме да ги истражат другите образовни системи и да се уверат дека ваков начин на награди и казни не постои. Целата структура на системот на казни и награди, како и системот на професионален и кариерен развој на наставниците е заснован на погрешни основи-врз резултатите од екстерното тестирање. Тоа е поразително и затоа треба да се бара нов модел за јакнење на образовниот систем, но заснован на почит, советување,  доверба,поттик,преиспитување, креирање вредности, истото она на што ги учиме  нашите ученици”-вели професорот Владо Димовски од Наставничкиот пленум.

Екстерните проверки, според него  се дел од многу образовни системи, но ваквиот модел на проверка е еден од начините да се добие јасна слика за степенот на исполнување на стандардите во образованието. Зато  тие треба да бидат  показател на знаењата на учениците од одредени научни дисциплини, а резултатите од екстерните проверки да  служат за пронаоѓање на слабостите во еден воспитно образовен систем, изнаоѓање нови, поефикасни образовни модели и креирање политики кои ќе водат кон подобрување на квалитетот на образованието.

“Секој може да истражи и да се увери дека во ниту еден образовен систем во Европа и светот не се врши екстерно тестирање на учениците секоја година од трето одделение до четврта годиуна средно образование. Само и единствено кај нас. Сметам дека и во основното,  но особено  во средното образование, екстерното тестирање е сосема непотребно. Зошто? Да речеме тестирањето е спроведено на крајот од основното образование. Наредните години, ученикот го насочува своето образование кон одредена професија, а на крајот полага државна матура која се состои од три задолжителни предмети (македонски јазик, математика и англиски јазик), четвртиот испит е по избор на ученикот и изработка на проектна задача односно семинарски труд која се брани пред комисија од наставници. Зарем државата нема доверба во веќе осмислените механизми за проверка на квалитетот на знаењата на учениците реализирана токму преку државната матура? Зарем на матурантите им е потребно постојано проверување на полугодие и  дополнително екстерно тестирање пак од државата по нови два предмети? Верувам никој тука не гледа логика во настојувањето да се спроведе екстерното во средните училишта”-додава професорот Димовски.

Лошите законски решенија во образованието, набрзина донесените закони-преку ноќ и без никакви претходни анализи, според него  се нај голема причина за незадоволството кај средношколците и наставниците. Неприфатливи се вели, изговорите и заканите на владините функционери кои се задолжени за образованието во Македонија кон средношколците. Оттука за професорите и родителите оправдана и логична е реакцијата на учениците.

“Самобендисаноста на надлежните и креаторите на образовните политики кај нас  покажува дека се нема капацитет за прифаќање на квалитетни реформи,  а заканите се само одбранбен механизам да се сокријат пропустите.Тешко е да се признае дека се погрешило за тоа треба доблест и храброст,  а не закани.Недостасува дијалог помеѓу одговорните  и директните корисници на реформите. Стручноста и практичноста се спроведува надвор од МОН. Реализацијата на реформите исто така е надвор од МОН во училиштата но пред донесувањето на било која реформа недостасува стручна анализа,истражување во практиката и на крај јавни дебати со директните корисници на реформите. Кога ваквите форми ќе профункционираат и ќе бидат консултирани средношколците и наставниците сигурен сум дека ќе можат да се подобрат реформите во образовниот систем. Морам да нагласам дека најголем дел од средношколците се подготвени секогаш да дебатираат за поквалитетно образование-потенцира професорот.

Тој  и членовите на Наставничкиот пленум очекуваат  кај надлежните да преовлада разумот, дефинитивно да признаат дека се поразени од учениците и да донесат одлуки кои ќе ги вратат децата во школските клупи, а нема само да ги пролонгираат проблемите. Законите како што вели мора да се базираат на стручни и темелни анализи во кои ќе бидат вклучени сите засегнати страни, со подршка на практичари кои ќе ја збогатат и надградат целата образовна политика. Затоа според професорот Владо Димовски се  планира и новиот протест пред ресорното министерство- како порака дека борбата за подобро образование не завршила, туку дека допрва почнува!

Слично

Поврзани вести