Наставничкиот пленум на средба со Аиво Орав : некој мора да ги чуе проблемите во образованието!
Претставници на Наставничкиот пленум денеска ќе се сретнат со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав пред кој ќе ги презентираат нивните досегашни активности, потребата за создавање на Пленумот и проблемите кои како лавина го потресоа секторот образование. Според професорите, игнорантскиот однос на надлежните само дополнително ја прелеал чашата и трпението кај наставниот кадар кој и под силни притисоци и закани решил отворено да проговори за реалните состојби и проблеми во образовниот процес.
“Наставничкиот пленум веќе еден месец по протестниот марш и барањата кои написмено ги достави до Министерството за образование и наука нема одговор од надлежните дали и кога планираат да се сретнат со нив и да поразговараат за нивните забелешки и предлози. Ова е игнорантски и несериозен однос кон професорската фела која аргументирано и со анализи предочи кои се нелогичностите во сите сегменти од образовниот процес, од основно и средно образование до уписите на високообразовните институции. Додека нашите институции не сакаат да не примат, побаравме средба со европските претставници. Поканата да седнеме на заедничка маса со Шефот на делегацијата на ЕУ дојде експресно по само два дена. Денеска цел час ќе разговараме за актуелните состојби во образованието”- вели професорот Владо Димовски од Наставничкиот пленум.
Според него е нејасно односно нелогично зошто и покрај моменталната состојба во која е ставено образованието, надлежните не ги удостојуваат професорите за средба. Ова вели е на штета на сите, особено што најдобрите и најконструктивни предлози за квалитетни законски решенија треба да се чујат и бараат од практичарите и најзасегнатите –професорите и учениците. Добра и квалитетен образовен систем, додава професорот Димовски значи креирање на нови законски решенија базирани на сериозни и темелни анализи од сите засегнати страни.
“Овој чекор за средба со меѓународните претставници го превземаме поради се поголемите притисоци и проблеми кои од ден во ден се наталожуваат. Учениците и професорите ни се на улица, наставата трпи, трпат и учениците, родителите. Овие работи не смеат да се игнорираат бидејќи нашите ученици се нашата иднина. Нивните потреби и уставно загарантирани права за квалитетно образование беа мотив да се формира Наставничкиот пленум. Анализите кои ги подготвија професорите се базирани на домашни и странски искуства во делот на реформите како екстерно тестирање, државна матура, условите во кои работат наставниците, наставните програми и лошо осмислениот начин на екстерно проверување на знаењата со импликации врз успехот на учениците. Потоа ќе објасниме за отсуство од акредитирани програми за обука и професионален развој на наставнот кадар, имплементирањето на туѓи искуства кои не се во согласност со нашите национални, традиционални и културни вредности. Ова се само дел од проблемите во образовниот процес за кои ќе дадеме свое видување” -додава професорот Димовски од Наставничкиот пленум.
Вреднување на работата на наставниците, според Наставничкиот пленум треба да се врши врз основа на сложен инструментариум и преку точно утврдени индикатори за квалитет на работата на наставникот. Тие забележуваат дека административните обврски на наставникот не му оставаат простор да биде наставник. Дополнително велат се соочени со казни, непознати за ниту еден образовен систем во Европа и светот. Избрзаните законски решенија, нагласуваат професорите, дополнително ги комплицираат состојбите во образованието.
“Боли кога ги гледате своите ученици како на мокра трева и под отворено небо сакаат да испратат порака дека постојат, имаат свои размислувања и ставови, аргументирани податоци, анализи кои укажуваат како да се подобрат состојбите и каков образовен систем сакаат. Овие деца се наш најголем животен влог и не смееме на нив да гледаме како на минлива генерација. Нивниот глас мора да биде слушнат бидејќи тие покажаа дека се позрели од нас возрасните, ни покажаа како се бранат и бараат своите права “-велат професорите од Наставничкиот пленум.
Според нив професијата наставник повеќе од две децении е на маргините на општеството пред сé заради отсуство на синдикално лидерство и образовен систем кој покажува бројни слабости. Проблемите ги лоцираат и во амбиентот на економска сиромаштија, демократија која сé уште зрее и испревртен систем на вредности. Кога ќе се повлече линија, додаваат професорите, остануваат незадоволни наставници, средношколци, родители, студенти, универзитетски професори.
Претставниците на Наставничкиот пленум веднаш по средбата ќе ги посетат средношколците кои веќе четири дена кампуваат пред Министерството за образование и наука. Тие и по три последователни средби не успеаа да најдат заеднички јазик со надлежните и не отстапуваат од своите барања за враќање на стариот концепт на државна матура и стопирање на екстерното тестирање.
С.Б.
Слично
