Наставничкиот пленум излегува на протестен марш:”Ова е време кога почнавме да учиме од нашите ученици”!
Учениците покажаа дека знаењето им е најважно и дека сакаат квалитетно образование-велат од Наставничкит пленум. Затоа според нив, мора да им се искаже восхит за свесноста и активизмот на овие млади луѓе. Денеска точно напладне, по нивниот пример и наставниот кадар ќе каже гласно “НЕ” за како што велат, лошите реформи во образованието.
Според професорката Даниела Николова-член на Наставничкиот пленум, во време кога токму образовните вредности се загрозени, задача и морална обврска на наставниците е да го одбранат својот професионален повик, бидејќи овој пат мотивот е поголем-наставниците учат од своите ученици.
“Нивниот повик вели – ИМАМ СТАВ, НЕМАМ СТРАВ! Па, затоа треба сите заедно да го искажеме нашиот став во однос на состојбите во образованието. Да се игнорираат сите притисоци и заплашувања. Образовниот систем во нашата држава се соочува со сериозни проблеми. Најдобриот показател за тоа е незадоволството кое го искажуваат и нашите ученици средношколци, и студентите, и универзитетските професори и ние наставниците од основните и средните училишта. Кога некој јавно, излегувајќи на улица, ве опоменува за состојбите во образованието, сосема е јасно дека веќе проблемите толку се намножиле што се неподносливи. Во изминатите години се спроведуваат некои реформи кои најчесто се превземени којзнае од каде, со оправдување дека дале одлични резултати. Но, сите тие се спроведуваат без предходни анализи, без учество на најзасегнатите од тие реформи, наставниците, учениците, родителите, без оправданоста и соочување со резултатите од избрзаните реформи. Сето тоа значи дека тие никако не значат унапредување на образовниот систем”-вели професорката Николова.
Реформа поради реформа
Новите реформи во образованието, според Наставничкиот пленум, создаваат можности учениците од млади луѓе кои знаат да размислуваат, да станат уредни машини за меморирање на одредени податоци на краток рок. Во еден таков образовен систем, велат, се оневозможува развој на мислата, на интелектот каде нема напредок ниту подобрување на квалитетот. Дополнително, сметаат дека во креирањето на образовниот систем не им се дозволува на стучните и професионалните во својата област да креираат напредок, па се воведува реформа заради реформа што не носи никакви резутати.
“Во изминатиот период доволно е само да споменам дека се спроведоа проекти кои навистина му наштетија на образованието, како „компјутер за секој ученик“, екстерно тестирање, реформи во однос на матурскиот испит, кембриџ програма во основното образование, а сето тоа не промени ништо на подобро во образовниот процес”-нагласува професорката Николова.
Наставничкиот пленум реагираше и на спогодбата помеѓу Синдикатот и Министерството за образование, која ја оценува како срамна и понижувачка за наставниците, во која јасно стои дека резултатите од екстерното оценување ќе влијаат на целокупното оценување на работата на наставникот, неговата развојна кариера и професиобален успех. Наставниците, сметаат од Пленумот, се ставени на маргините во општеството, третирани како да вршат работа која нема никаква одговорност и голем ангажман, за големи плати а малку обврски, но реалните состојби покажуваат нешто друго- зголемени обврски а исти плати- на ниво на просечна плата во нашата држава.
“Оние наставници кои ќе покажат најголеми отстапки,ќе бидат праќани на советувања и не ќе можат да напредуваат во својата кариера. И, каде тука нема казни? Напротив, имињата на наставниците и понатаму ќе се читаат на листи кои ќе значат рушење на нивното достоинство и како наставник, но пред се` и како човек. Исто така оневозможувањето на кариерен развој е сериозна казна, дури посериозна од паричната казна. И замислете, сите овие казни се резултат на екстерното проверување на знаењата на учениците какво нема никаде во светот. Исто така намалувањето на административните обврски на наставниците со укинување на работните дневници и водењето само на е-дневникот, не е никакво олеснување. Сите пропусти и проблеми со кои се соочивме во изминатиот период покажуваат дека воопшто нема услови за водење на сигурна и навремена евиденција само на тој начин. Ќе беше добро ако претставникот на наставниците во преговорите, барем малку се обидеше да разговара со нас за сите проблеми со кои се соочуваме, а не да ги минимизира нашите барања и да искажува задоволство од постигнатите преговори”-смета професорката Даниела Николова.
Екстерното тестирање –најсериозен проблем во образовниот систем!
Оценувањето на знаењата на учениците, според наставниците е еден комплексен процес, кое подразбира следење на постигнувањата и напредокот во знаењата континуирано, низ целата учебна година. Учениците за нив се личности, тие имаат различни афинитети, различни интереси, имаат различни начини на искажување на своите знаења и можности бидејќи наставникот ја следи работата низ целата учебна година, може да го оцени ученикот користејќи различни инструменти за оценување, почитувајќи одредени критериуми на оценување кои му овозможуваат објективност во формирањето на оценката, која е израз на знаењето на ученикот. Затоа велат од Пленумот е нелогично да се помисли дека сето знаење на ученикот може да се оцени низ 30 прашања, повеќето од нив на ниво на препознавање, и сите да бидат бодувани со 1 бод.
Екстерното тестирање, за професорката Николова е еден од најсериозните проблеми со кои се соочува образованието и најлошо се одразува на учениците, а измените во однос на матурскиот испит со кои се воведува математиката како зодолжителен предмет од државната матура само ја прелеаа чашата. Со воведувањето на математиката како задолжителен предмет во рамките на државната матура, вели се укинува правота на слободен избор на учениците, и не се зема во предвид дека математиката не е приоритетна за сите студии, и за сите занимања.
“Екстерното тестирање има многу нелогичности кои се на штета на учениците: нереални оценки, во некои случаи намалување на годишната просечна оценка на ученикот, впишување на полугодишна оценка како годишна, тоа е случај кај матурантите, впишување на оценката недоволен еден во свидителство, а најлошото од се` е тоа што со него се уништува мислата и знаењето на младите. Подготовката за еден ваков чекор каков што е воведување на математиката како задолжителен предмет во државната матура, воопшто ја немаше. Ако ништо друго не се ревидираа ниту програмите по овој предмет со што ќе се олеснеше целиот овој процес. Слушаме оправдување кое вели дека математиката го развива логичното мислење на учениците но забораваат дека математиката може да се сведе на логика. Логиката го поттикнува активирањето на интелектуалните способности, таа како ниедна друга наука ја развива моќта за расудување, правилно изведување на заклучоци, аналитичност, моќ за аргументирање на ставовите. При тоа логиката е само изборен предмет во гимназиите”- вели професорката по филозофија.
Наставникот поради природата на својата работа постојано е исправен пред некој предизвик. Но, кога ќе се соочи со вакви образовни реформи предизвикот да остане наставник или учител кој ќе ги подучува младите на вистинските вредности, станува најважниот предизвик. Наставниците велат дека секогаш треба да се на страна на знаењето и вистината, а токму тие според нив се токму прегазени кај нас. Затоа порачуваат “Ако образованието е најважниот столб на едно општество, а наставникот еден од важните чинители во образовниот процес, тогаш е сосема јасно дека предизвик за нас е да го сочуваме здравото општество за идните генерации”!
С.Б.
Слично
