Зошто „не” за екстерно?
Mинистерството за образование и наука да ги согледа пропустите во екстерното тестирање, да ја разбере суштината на проблемите во училишната пракса и да покаже подготвеност да ги прифати учениците и наставниците како партнери во градење на нови, квалитетни закони кои ќе бидат основа за силен образовен систем- ова е пораката која уште еднаш преку протест гласно ќе ја пренесат до надлежните Наставничкиот и Средношколскиот пленум.
Преку игнорантски однос и непопустливост пред реалните проблеми, одговорните во министерството ризикуваат да го стават во прашање целиот образовен систем- велат учениците и наставниците.
“Во време на формализам, наставникот престанува да ја извршува суштинската работа и се претвора во администратор. Сé додека свеста кај одговорните за креирање на општествените политики не се развие до степен на разбирање за улогата на наставникот во втемелување на вистинските вредности кај младите, дотогаш наставникот ќе биде таму кај што е. Сé додека политиката е во образованието, дотогаш ќе имаме погрешни луѓе на одговорни места, лоши резултати од работата на училиштата, слаби знаења кај учениците и незадоволни родители. Ако знаеме дека системот на екстерна проверка е од научен аспект погрешно заснован, тогаш нема двојба дека на учениците им е нанесена штета со тоа што таа оцена за многумина беше пресудна за упис на факултет. Борбата е многу посуштинска – овде станува збор за одбивање на погрешно заснован концепт за награди и казни”- велат од Наставничкиот пленум.
Екстерните проверки се дел од многу образовни системи. Од Наставничкиот пленум објаснуваат дека ваквиот модел на проверка е еден од начините да се добие јасна слика за степенот на исполнување на стандардите во образованието. Овие проверки ги спроведува државата преку надлежни министерства или испитни центри или се дел од меѓународни проекти (PISA,TIMSS,PIRLS) и тие се показател на знаењата на учениците од одредени научни дисциплини. Но резултатите од екстерните проверки, според нив служат за пронаоѓање на слабостите во еден воспитно образовен систем, изнаоѓање нови, поефикасни образовни модели и креирање политики кои ќе водат кон подобрување на квалитетот на образованието, а не како што велат од Пленумот за подгревање на незадоволството и имплементирање туѓи искуства кои не се во согласност со националните, традиционалните и културните вредности.
“Македонија за првпат беше дел од меѓународно тестирање во 2000г. во рамки на проектот PISA (Program for International Student Assessment) кој опфаќа ученици на возраст од 15 год. На ова тестирање нашите ученици (од областа на природните науки, математика и оспособеност за читање со разбирање) покажаа слаби резултати. Во 2015 г. повторно нашите ученици ќе бидат дел од вакво екстерно меѓународно тестирање. Веројатно слабиот успех на нашите ученици беше причина да се воведат националните екстерни тестови како една од можностите за воспоставување на контрола на квалитет во образованието. Но тоа не смее да биде причина да се експериментира со сеуште недоволно истражени проекти кои немаат суштинска ниту практична основа за нивно спроведување”- објаснуваат од Наставничкиот пленум.
Екстерното тестирање во меѓународни искуства!
Едни од најсилните и најдобро организирани образовни системи со години наназад спроведуваат екстерни тестови од страна на државата. Но резултатите од овие тестирања се користат за подобрување и зајакнување на целиот систем, укажување и детектирање на слабостите-велат наставниците. Искуствата во демократските општества покажуваат дека образование засновано на принцип на доверба и свест кај граѓаните е можеби најдобриот модел за градење систем кој ќе произведува вредност, бидејќи само во таков амбиент, вредноста на наставникот ќе создава вредност кон личноста и знаењето на ученикот.
Англискиот образовен систем е комбинација од input и output ориентација. Тоа подразбира посветување подеднакво внимание и на интерните проверки и следење на постигањата на учениците во текот на училишната година, но и национално спроведување на тестирање. Наставниците укажуваат дека националните тестирања не се доволни за целосно вреднување на постигнувањата на учениците. Честите проверки предизвикуваат стресни ситуации кај учениците. (Whitburn,2000,31, според Previšiċ,2007: 130) Стандардите се насочени кон она што ќе биде тестирано и предизвикуваат „учење за тест“ што сосема ја губи целта заради која постои екстерната проверка.
Во Р. Словенија екстерното тестирање од страна на државата се спроведува на крајот од првиот, вториот и третиот тригодишен образовен период. Значи на крајот од трето, шесто и девето одделение. Резултатите од тестирањето имаат формативна улога. Тие, главно служат како увид во степенот на знаења на учениците од одделни предмети (а се тестираат мајчин јазик, математика и најчесто странски јазик) и да се креираат образовните политики за средно образование.
Во Р. Финска, националното тестирање се однесува само за учениците во последната година од основното образование. Притоа, нивните ученици веќе десетина години наназад се на првите места според резултатите на меѓународните тестирања. Важно за напомена е дека тие континуирано покажуваат одлични резултати не во покажување на знаењата како усвоени факти, туку во решавање на „проблем ситуациите“. Ова укажува на силните напори на сите чинители на образовниот систем да се стави акцент на суштината, не на формата. Кај секој граѓанин во ова општество постои изразена свест за образување и делување во општество засновано на знаење.
И покрај слабите резултати на меѓународните тестирања (PISA-2001,2002,TIMSS-1995), Германија нема спроведувано екстерни тестови на национално ниво, но сите расположиви човечки ресурси ги има екипирано за определување на образовните стандарди со кои ќе се осигурува на квалитет во образовниот систем.Користејќи ги искуствата од Германија и Австрија го јакне образовниот систем со определување стандарди (за сите подрачја) без да воведе национално екстерно тестирање.
Во сите образовни системи во кои се спроведува екстерно тестирање на учениците на национално ниво, во Европа и САД, резултатите служат како показатели за одредени слабости или како насоки за креирање нови образовни стратегии за развој на образовните системи.
“Во сите образовни системи во кои се спроведува екстерно тестирање има критики заради начинот на кој се изработуваат и подготвуваат овие тестови. Системот на награди и казни заснован врз резултатите од екстерните тестови е велат причина повеќе да укажат дека вака осмислените прашања на екстерните тестирања, се научно погрешни и не можат да бидат мерило и веродостојна проверка на годишната оценка која е резултат на знаења, умеења, способности, вештини, проектни активности, успеси на натпревари, ставови и залагања преку кои се добива крајниот резултат и на ученикот и на наставникот”-нагласуваат од Наставничкиот пленум.
Оттука според нив е логично незадоволството кое ја одбележа оваа учебна година. Ниту едно општество, како што велат од Пленумот не смее да си дозволи „луксуз“ поединци да ги поставуваат основите на образованието кое е втемелувач на општествените и лични вредности според кои младите ќе го градат општеството. Затоа порачуваат надлежните да ги истражат другите образовни системи и да побараат нов модел за јакнење на образовниот систем, но заснован на вредности и квалитет бидејќи во општествени рамки, мора да се создаде амбиент во кој секој граѓанин ќе стане свесен за својот личен придонес кон општествениот развој, амбиент во кој чувството на одговорност ќе стане двигател кон развојните процеси.
Дел од матурантите со завршувањето на средното образование и со уписите на факултет веднаш ќе продолжат со активности во Студентскиот пленум, но дополнително ќе го подржуваат и зајакнат средношколското делување. Оттука поактивна борба закажуваат за септември, па затоа на надлежните сакаат уште еднаш да им порачаат дека екстерното оценување кое според нив е лошо осмислен начин на проверување на знаењата на учениците со импликации врз успехот на учениците, ќе биде уште долго време предмет на незадоволство и револт кај средношколците и наставниците.
С.Б.
Слично
