Наставнички пленум: Со кого тера инает Министерот за образование?!
Молби, апели, барања за средба, а молк од надлежното министерство. Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и по три недели од бојкотот на наставата во средните училишта не најде време да се сретне со претставници на Средношколскиот пленум и да ги чуе нивните барања. Матурантите немаат време за губење бидејќи ги гази времето, средношколците од пониските класови секојдневно се приклучуваат на бојкотот-образованието навлегува во се поголема криза. Дали надлежните тераат инает?- прашуваат од Наставничкиот пленум.
Тие в четврток застануваат зад своите ученици. Заедно со нив ќе маршираат на третиот по ред протестен марш, против како што велат игнорантскиот однос на надлежните и лошите образовни реформи.Од Наставничкиот пленум велат дека професионална, родителска и граѓанска должност е да ги подржат нивните деца.
“Наставничкиот пленум од самиот почеток ги подржуваше учениците. Излеговме на првиот нивни протест, бевме на вториот, ќе бидеме и на секој следен, бидејќи секој ден сме со нашите ученици. Ние ги поддржуваме учениците во целост во нивните оправдани и аргументирани барања за квалитетно образование и ги сакаме назад во клупите, но не под овие услови. Мотив ни се нашите ученици, нашите деца. Празните училници и бојкотот е појава која не не остава рамнодушни. Напротив ние без учениците не сме наставници.”-вели професорката Гордана Лазоска од Наставничкиот пленум.
Таа потенцира дека местото на наставникот е со учениците во училница. “Ние”- вели професорката Лазоска, постоиме поради учениците. Но, често менуваните образовни реформи носени без дебата, анализа и вклученост на сите засегнати страни предизвикаа контраефект и незадоволство кај наставниците и кај учениците.
“Реализацијата на наставниот процес е секако проблематизирана со самиот факт што се губат премногу часови. Но сите нови закони, кои се носени преку ноќ, без консултација со засегнатите страни наставниците, учениците и родителите допринесоа до оваа состојба. Наставничкиот пленум направи опсежна анализа на неправилностите во законите, со посебен осврт кон екстерното тестирање и контракдикторностите кои ги носи со себе. Новиот концепт на матура, каде матурантите треба да полагаат 7 пати во 2 недели, со себе ги повлече и средношколците да го кренат својот глас против овие небулози. Нашата поддршка беше резервирана, затоа што има премногу медиуми кои тоа би го прикажале на погрешен начин. Но, после ветувањата кои од поодамна беа дадени дека претставници од МОН ќе се сретнат со средношколците, а до средба не дојде и после две недели бојкот на наставата, ние одлучивме да им дадеме безрезервна поддршка на МАРШОТ во четврток” –додава проф. Лазоска од Наставничкиот пленум.
Според професорите, средношколците имаат неоспорни аргументи поради кои бараат враќање на стариот концепт на матура и да се стави во мирување екстерното тестирање. Барањата на Наставнички пленум, според нив, не само што се поклопуваат со тие на Средношколскиот пленум, туку се и побројни, а и за нив побараа средба со министерот која сеуште не се случи.
“Колку за потсетување, барањата на НП беа: 1. Ставање на Законот за наставници, Законот за Академија и Законите за основно и средно образование вон сила, под целосен Мораториум, сè до конечно усвојување на новите решенија кои ќе произлезат врз основа на темелна анализа на состојбите во образованието и отворање широка јавна дебата во која ќе земат учество сите релевантни стручни кадри.Потоа целосно укинување на казните и наградите на наставниците кои се резултат од екстерните тестови, а екстерното тестирање може да има само формативен карактер со што ќе се бараат слабостите во образовниот систем и изготвување стратегии за негово јакнење. Укинување на инспекциските органи во образовниот систем, а јакнење на советодавни тела. Ова заради позитивните искуства во другите образовни системи чии ученици постигнуваат одлични резултати токму на меѓународните истражувања.Во насока на јакнење на квалитет во наставата, бројот на ученици во паралелка да не биде повеќе од 24”-потенцира професорката Гордана Лазоска од Наставничкиот пленум.
Оценките од екстерно тестирање на учениците, според професорите од Пленумот не смеат да влијаат врз успехот на учениците и да го оштетат ученикот на било кој начин. Тие не се валиден и веродостоен показател на знаењата бидејќи во таа крајна оценка влегуваат знаењата, способностите, вештините, воннаставни активности и постигнувања од натпревари, проектни активности, истражувачки проекти, залагања, ставови, вредносен систем, карактерни особини.
Од Наставничкиот пленум бараат да се ревидира системот на професионален и кариерен развој на наставниците и да се исфрлат законските одредби кои го поврзуваат овој систем со резултатите од екстерното тестирање, како и ревидирање на наставните планови и програми за основно и средно образование, со цел јакнење на квалитетот во образовниот систем на сметка на квантитетот.
“Наша водилка се нашите ученици за кои посакуваме да се изградат во интелектуалци кои ќе можат да бидат во чекор со сите збиднувања во општеството и негови активни чинители. Квалитетно образование треба да им е важно на сите, без исклучок. Само така може да изградиме генерации кои ќе градат и одржуваат здраво општество, катче во кое секој ќе посакува да живее. Затоа да се солидаризираме сите со средношколците”-нагласува професорката по математика Гордана Лазоска.
Од Наставничкиот пленум велат дека зад нивните ставови стојат аргументирани анализи и затоа сметаат дека треба да се укине државната матура и да се воведе приемен испит на самите факултети, за да се избегнат бројните недоследности и нерамноправен пристап кон матурантите во делот на задолжителни и изборни предмети како дел од државната матура.
Тие како наставници се велат горди на учениците кои покажале исклучителна зрелост, познавање на проблемите во образованието и понудиле издржани идеи и решенија за подобро образование. Според Наставничкиот пленум најитно треба да биде чуен гласот на средношколците од одговорните и надлежните во МОН бидејќи тие се директните учесници во воспитно-образовниот процес.
“МОН- Направете го вистинскиот чекор и организирајте еден дебатен состанок кој ќе биде почеток на решавање на сите ученички, наставнички и родителски проблеми! Дозволете им на учениците да ги исполнат своите соништа. Не им го ускратувајте правото на здраво, моќно, цврсто и квалитетно образование кое ќе им ја трасира патеката на личната и колективна иднина. Тоа не засега сите! Тоа ја засега Македонија!”-порачуваат од Наставничкиот пленум.
С.Б.
Слично
