„НАШАТА ЦЕЛ НЕ Е РЕПРЕСИЈА, НАПРОТИВ ЦЕЛТА Е ФОРМАЛИЗАЦИЈА“: Димитриеска-Кочоска за борбата со сивата економија
Неформалната економија e комплексен и повеќеслоен феномен со сериозни импликации врз долгорочниот економски раст и институционалната стабилност. Факт е дека неформалната економија постои секаде, но исто така е факт дека нивото на неформална економија секаде е различно.
Ова го истакна денеска министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска од на годишната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“.
- Токму тоа ниво на застапеност на неформалната економија е еден од клучните фактори што ги разликува економиите во светот. Ваквото ниво и директно влијае врз одлуките на потенцијалните инвеститори, но и врз тоа како државите меѓусебно се перципираат во однос на стабилноста, транспарентноста и конкурентноста на нивните економии. Кога се споменува неформалната економија, најчесто првата асоцијација се неформално вработените како и даночната евазија. Сепак неформалната економија е многу поширок феномен и може да се појави во различни сегменти на економската активност.
Секогаш треба да имаме предвид дека светот се движи многу брзо, живееме во време на брзи промени, иновациите постојано се создаваат нови производи, услуги и деловни модели кои, доколку не бидат навремено препознаени и регулирани, создаваат правен вакум, кој неретко ние економистите го препознаваме во сивата зона - укажа министерката.
Министерката нагласи дека неформалната вработеност и нерегистрираното производство директно ја намалуваат продуктивноста и конкурентноста, ги ограничуваат буџетските приходи и ја поткопуваат одржливоста на јавните финансии. Тоа значи помалку средства за здравство, образование и социјална заштита, од една страна и од друга страна создава нелојална конкуренција, неправда кон чесните компании и ја нарушува довербата во системот.
- Да бидеме јасни дека нашата цел не е репресија, напротив нашата цел е формализација, правичност и создавање еднакви правила за сите. Ќе пристапиме системски и одлучно преку адресирање на нелојалната конкуренција, создавање фер и транспрентни услови за работа и обезбедување чесните компании да не бидат ставени во подредена позиција. Формализација која ќе ја поттикнеме преку поедноставени административни процедури, олеснет пристап до регистрација и јасни правила. Ќе ги охрабриме субјектите од неформалниот сектор да преминат во формалната економија преку поддршка, а не само преку санкции - напомена министерката.
Воедно дополни дека во периодот кој што следи УЈП целосно ќе се дигитализира со што после осамостојувањето ова ќе биде прв пат да може со внесување на даночен или матичен број на даночен обврзник да се добијат сите потребни информации за него.
- На тој начин досегашниот систем кој не е централизиран ќе се промени со што ќе се постигне и поголема ефикасност во работењето на УЈП.
Воедно, работиме на зајакнување на даночниот морал и применуваме нулта толеранција за организирана даночна евазија. Во последната година сведоци сте на сите активности кои ги превзема УЈП во информирање на сите даночни обврзници навремено да ги пријавуваат своите обврски преку постојано известување преку социјалните мрежи но и потсетување за нивно плаќање.
Трето, и од особено значење, е што во Министерството за финансии активно работиме на сеопфатно усогласување на законската рамка, не само со законодавството на ЕУ туку и прецизирање на законските одредби кои не се јасни до крај, а кои со години биле занемарувани и непрецизни - објасни Димитриеска-Кочоска.
Објасни дека недореченостите создаваат правна несигурност кај даночните обврзници и можат да придонесат дел од економските активности да се одвиваат надвор од формалните текови. Дополни дека се работи на поедноставување на административните процедури, како и на зајакнување инспекциската контрола и системот на санкции, затоа што кога нема ефективен надзор и ризикот од откривање е мал, се создава се поголем простор за зголемување на нивото на неформалната економија.
- Борбата против сивата економија е борба за праведно општество, за стабилни јавни финансии и за економија во која трудот и чесноста се вреднуваат. Ова не е борба само на државата, туку заедничка борба на институциите, бизнисот и граѓаните, затоа што бенефит од тоа имаат сите. Затоа сакам да потенцирам на крајот дека ова не е само декларативна заложба, не е краткорочна кампања, туку долгорочна реформа во која особено ќе ја поддржуваме рамноправноста пред законите и создавање еднкави можности за сите. Воедно сакам да се заблагодарам до нашите меѓународни партнери УНДП, невладиниот сектор и академската заедница, во поддршката и имплементацијата на оваа реформа - заклучи на крајот министерката.
