Нашата борба “не е за џабе”!
Никој нема да ги реши проблемите на граѓаните доколку самите не се изборат за своите права и не бидат истрајни и упорни во борбата против неправдата- порачува Слободанка Димитровска, една од илјадниците граѓани кои со години се исклучени од системот за парно, а плаќаат сметки за услуги кои не ги користат. Вели правдата ќе ја бараат пред меѓународните судови, бидејќи нивните судски процеси со години се заглавени во лавиринтот на домашниот судски систем.Таа е редвеч учесник на како што вели сите протести кои се организираат за одбрана на човековите права.Не очекува друг да ја бие нејзината битка, но порачува граѓаните да не молчат пред проблемите, отворено и јавно да го изразат своето незадоволство, особено оние кои на своја кожа ги чувствуваат притисокот и неправдите.
“Јас сум невработена и најдобро знам што значи суровоста на животот, натрупаните сметки и долгови, особено за услуга која не ја користам. Бев учесник во протестите против убиството на Мартин Нешковски, убиството на малата Тамара, протестите на хонорарците, студентите, лекарите, мајските протести, граѓанските од АМАН и исклучените од Топлификација. Додека собирав потписи против продолжување на пешачката улица во Лисиче и уништувањето на зеленилото ќе се најдеше по некој кој ќе ми кажеше “ Џабе ти е, тие што си наумиле ќе си направат!“ Но времето покажа дека не било за џабе и дека зеленилото и мирот на граѓаните не се уништи. Истото се случува и денес, кога веќе 10 месеци исклучените од Топлификација протестираат да дојде некој и да каже дека се е џабе. Но не е така , се бориме за правда , за вистината, за слободата”-вели Димитровска.
Протестите додава таа, се демонстрација на непризнавање на моќ со која се осиромашува граѓанинот. Нејасно е вели како голготата на илјадници граѓани стана сурова реалност пред која надлежните молчат.
“Јас сум една од илјадниците која е тужена за непостоечки долг за парно и за услуга која не ја користам. Првото рочиште беше шок за мене, јас сум чесна личност која никогаш не била во конфликт со Законот и затоа побарав одложување на судењето. На ова ме нападнаа адвокатите велејќи ми дека требало досега да се спремам, но судијата сепак ми го одложи процесот. Во меѓувреме ги прочитав законите и правилата на кои се однесуваше наводното тужбено барање и преку присуство на рочишта на други граѓани и контакти со нив дојдов до некои сознанија. Сите закони одеа во моја корист и се постави прашањето: Какво е ова тужбено барање против невин човек кој недолжи ништо никому? Па зар ова е правна држава? Бев шокирана и од односот и ладнокрвноста да теретат невин човек и да му го уништат животот. Иако знаат дека она што го застапуваат е лажно, сепак работат против Уставот и спротивно на дури 7 закони и меѓународно ратификувани договори за заштита на човековите права”-додава Димитровска.
Маката вели ја научила како да ја продолжи борбата. Во холовите на судниците разбрала дека и обесправените граѓани имаат право да тужат, да се борат и да возвратат.
“Најлесно е да се предадете и да почнете да им плаќате рекет. Ама така цел живот ќе им плаќате. Ќе им плаќате и за многу други измислени давачки. Решив заедно со многу други слободоумни граѓани да се борам против ова зло. Се организиравме и одпрво почнавме да ги информираме државните институции за криминалот. Но какви одговори добивме? Премиерот молчи и не ја потпишува нашата граѓанска иницијатива за промена на законот за енергетика иако мораше одамна да го направи тоа, Претседателот не потапша по рамото, Јавниот обвинител никаде го нема, Уставен суд се произнесува за ненадлежен иако порано за истиот проблем има одлука во корист на граѓаните, Дирекцијата за заштита на лични податоци ги заштити прекршителите, а не граѓаните, Комисија за заштита на конкурентност сеуште не се произнела”-објаснува Димитровска.
Првите тужби на исклучените граѓани од системот за парно им биле одбиени, па затоа следи формирање на здружение кое ќе тужи во името на своите членови и граѓаните. Велат дека не очекуваат правна разрешница во домашните, туку во меѓународните судови. Се подготвуваат тужбите за судот во Стразбург.
“Корупцијата е длабоко навлезена во институциите. Целта е да се земат пари од илјадници сиромашни . Токму тоа одговорил и Рокфелер кога го прашале од каде му е толкаво богатство – од сиромашните! Седејќи дома во удобноста на мојот стан немаше да си решам ниеден проблем, напротив, со тоа ќе испратев порака дека се согласувам да прават што сакаат и да ми ги газат правата и достоинството. Затоа сум и јас на улица со другите, заради мене и мојата фамилија. Не е за џабе, приклучете се!”-порачува Слободанка Димитровска која со години ја бара правдата за своите но и проблемите на илјадници граѓани.
С.Б .
Слично
