Населба во центарот на Атина тероризирана од анархисти, жителите преку писмо бараат помош
Околу 400 жители на Егзархија, населба во центарот на Атина, напишале писмо до грчките власти да ги заштитат од широко распространетото беззаконие и влошување на условите за живот во заедницата која важи за традиционален бастион на грчките анархисти, објави Катимерини.
Писмото доаѓа по насилните судири во областа меѓу младите демонстранти и полицијата на одбележувањето на годишнината од студентските протести во 1973 година против воената хунта, како и немирите кои избија минатиот месец по повод 10-годишнината од убиството на тинејџер од страна на полицијата.
"Егзархија е се уште дел од темната зона на Атина. По протестите сфаќаме дека ситуацијата е толку лоша како што никогаш не била претходно ", напишале потписниците.
"Стотици демонстранти со качулки, непречено упаѓаат во куќи и станбени блокови, ги разбиваат вратите, ги заплашуваат станарите, крадат и палат пожари на покривите", се жалат во писмото..
Жителите се пожапиле дека нивните возила редовно ги наоѓаат искршени кога има протести, а има и сериозни оштетувања на јавните згради и инфраструктура.
"На групите и мафијашките организации во кои се вклучени грчки и странски членови им се дава слобода во оваа област", рекоа тие, додавајќи дека луѓето се напаѓаат по улиците, дрога се продава непречено на улиците, а локалните продавници редовно се цел на грабежи.
"Ние исто така имаме права. Животот ни припаѓа и на нас и на нашите деца“, се вели во писмото.
