Економија, финансии, бизнис

Контакт

Народна банка за Фактор: Очекуваме банките да послушаат, ограничувањето може да се укине и порано

Народна банка за Фактор: Очекуваме банките да послушаат, ограничувањето може да се укине и порано

Банките да постапат согласно одлуката со која времено им се забранува да делат дивиденда од ланската добивка очекува креаторот на оваа мерка, регулаторот на пазарот – Народната банка. И покрај тоа што истиот ден, во петокот, кога Народна банка извести за мерката – две банки веќе објавија за закажани акционерски собранија со донесени одлуки на Надзорните одбори за поделба на дивиденда, централната банка стои на ставот дека во ова време банките треба да покажат респонзивност и од нив очекува да ја почитуваат нејзината одлука. Од Народната бнака за Фактор одговараат на неколкуте дилеми во врска со одлуката – дали банките се известени на време, зошто има потреба од вакво ограничување и кои ќе бидат следните чекори. И додека во јавноста акционерите кренаа глас од ваквиот развој на настаните, познавачите велат дека одлуката на Народната банка е поради претпазливост во услови на продолжена криза и има оправданост поради потребата да се јакнат капиталните позции на банките во вакви услови. Тоа е ставот и на Народната банка.

„Одлуката донесена на седницата во петокот на Советот на Народната банка  е времена мерка со којашто  се делува превентивно, за натамошно одржување на стабилноста на банкарскиот систем и натамошно зголемување на неговата отпорност, во услови на сѐ уште присутна неизвесност околу понатамошниот тек на здравствената криза.Впрочем нема земја во регионот во која не се преземени активности и мерки во насока на привремено ограничување на исплата на дивиденда. Во сите земји ова се прави заради натамошно зајакнување на стабилноста на банкарскиот систем и обезбедување солидна кредитна поддршка на граѓаните и компаниите, велат во одговорот за Фактор од Народната банка

Категорични се дека дека имаат солидна коминикација со банките

„Народната банка на редовна основа остварува одлична комуникација со банките, којашто беше особено интензивирана минатата година со отпочнувањето на пандемијата. Како резултат на регулаторните олеснувања донесени од Народната банка, комуникацијата со банките и нивното прудентно однесување преку зајакнување на своите капитални позиции, минатата година, банкарскиот систем испорача солидна кредитна поддршка на граѓаните и компаниите.Кон крајот на минатата година, Народната банка го потврди и повтори својот став дека тие и натаму треба да дадат приоритет на зачувувањето на своите капитални ресурси, јакнење на својата солвентна позиција и натамошна поддршка на економијата, вклучително и воздржувајќи се од донесување на одлуки за распределба и исплата на дивиденда од добивката за 2020 година, велат од Народната банка.

Повторуваат дека одлуката е за годинава но дека најдоцна до 30 септември, Народната банка повторно ќе ја разгледа и околностите со пандемијата поради кои е донесена и во зависност од оцената, може и порано да го укине ограничувањето. Засега капиталните позиции на банкките се стабилни.

Бура од реакции меѓу банкарите предизвика оваа одлука во петокот. Акционерски собранија на кои има предлог одлуки за поделба на дивиденда закажаа Комерцијална банка и ТТК Банка. Објавите беа истиот ден кога НБРМ соопшти дека има одлука за ограничување на поделбата на дивидендата. Комерцијална банка која треба да подели 600 денари по акција од добивката на банката за Фактор изјавија дека материјалите за Собранието на акционери се усвоени од Надзорниот одбор на Банката и, согласно законските прописи, се објавени во јавност пред Одлуката на Советот на НБРСМ.

„Очекуваме дека по однос на Одлуката на Советот на НБРСМ, Македонската банкарска асоцијација ќе изгради соодветен став, вклучувајќи и можност да се поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на оваа Одлука, велат од Комерцијална банка.

Оваа одлука најави своевидна војна меѓу двете страни, иако познавачите велат дека нема потреба од тоа. Се тврди дека подобро е да се биде претпазлив и да се одржи стабилност наместо да се ризикува.

А.Т.


Слично

Поврзани вести