Народна банка престана да го формира и да го објавува курсот на рубљата во однос на денарот
Народната банка на Македонија престана да формира и да објавува среден курс на денарот во однос на руската рубља. Причина за ова е одлуката на Европската централна банка која на почетокот на месецов соопшти дека не е во позиција да го објавува референтниот девизен курс на руската рубља во однос на еврото.
„Народната банка на Република Северна Македонија нема да формира и да објавува среден курс на денарот во однос на руската рубља почнувајќи од 2 март 2022 година, сѐ до натамошно известување од Европската централна банка. Последната објава на референтниот курс на руската рубља во однос на еврото од страна на Европската централна банка е на 1 март 2022 година и соодветно на тоа, последната важечка објава на средниот курс на денарот во однос на руската рубља од страна на Народната банка е на 1 март 2022 година за Курсната листа која важи за 2 март 2022 година, велат од Народната банка. ЕЦБ соопшти дека поради тековната трговска активност на пазарот ЕУР/РУБ, не е во позиција да постави референтна стапка што е репрезентативна за постоечките пазарни услови. Затоа ЕЦБ одлучи да го прекине објавувањето на референтната стапка на еврото за руската рубља до натамошно известување. Во средата за еден американски долар можеа да се купат 117 рубљи, откако валутата падна за 10 отсто и достигна ново рекордно ниско ниво. Рубљата е уште послаба на офшор пазарот оваа недела. Последниот пад дојде откако руската Народна банка им забрани на Русите да купуваат американски долари и им нареди на банките да ги ограничат плаќањата од девизните сметки на 10.000 долари во следните шест месеци. Фото: EPA
