Народна банка очекува поголем трговски дефицит
Поголем трговски дефицит од очекуваниот очекува Народната банка во првото тримесечје годинава. На тоа упатувале движењата во размената во јануари и февруари. Од централната банка тврдат дека првичните монетарни податоци за март покажуваат дека има раст на депозитите и на кредитите, а има поволни движења и за забрзувањето на економскиот раст. Инфлацијата за оваа година се очекува да биде два проценти.
„Расположливите податоци од надворешнотрговската статистика за јануари и февруари упатуваат на можност за остварување малку поголем трговски дефицит од очекуваниот за првото тримесечје на годинава. Воедно, податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на март укажуваат на остварени нето-приливи од приватните трансфери коишто се блиску до очекуваните за првиот квартал од 2019 година. Девизните резерви на крајот на март се малку пониски во однос на крајот на минатата година, при што нивното ниво и натаму е високо и постојано е во сигурната зона. На девизниот пазар, движењата се и натаму поволни, при што Народната банка интервенира со откуп на девизи од банките, стои во соопштението од централната банка по одржаната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика.
Оттаму соопштуваат дека ликвидноста на домашните банки се задржала на релативно стабилно и високо ниво, поради што немало потреба банките да се задолжуваат на меѓубанкарскиот пазар на необезбедени депозити. Вишокот слободни парични средства банките и натаму го насочуваат кон расположливите депозити кај Народната банка, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречена кредитна поддршка на домашните субјекти.
„Од намалувањето на каматната стапка во март па досега не се забележани поголеми промени во трендовите кај показателите клучни за монетарната политика. Последните макроекономски показатели и оцени упатуваат на одредени отстапувања во однос на проектираната динамика, но согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика главно се непроменети во однос на претходните оцени. Во тек се и нови оценувања на макроекономските варијабли и ризиците во рамки на редовниот пролетен циклус проекции. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици, во контекст на поставеноста на монетарната политика, пишува во соопштението.
