Народна банка ги изглоби повеќе комерцијалните банки во 2025, иако требаше да им ги намали трошоците
Народна банка вo текот на минатата година наплати поголеми провизии од домашните деловни банки, покажува финансискиот извештај на централната банка за 2025, иако од август лани им ги намали надоместоците за плаќањата преку Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС).
Народна банка и гувернерот Трајко Славески рекоа дека намалените платежни провизии за банките индиректно ќе влијаат на трошоците на граѓаните и компаниите, но извештајот покажува дека вкупните наплатени провизии што ги наплаќа од овие финансиски институции се зголемиле од 9,28 на 9,61 милиони евра.
„Провизиите од домашните банки за долговен промет на сметка“, што всушноост се надоместоците за користењето на МИПС како услуга се навистина значително намалени од 5,64 на 4,05 милиони евра на годишно ниво, но сите други надоместоци извлечени од комерцијалните банки се зголемени. Особено во очи паѓа новововедениот надоместок „за вршење супервизија
над банки и штедилници“ кој за прв пат е спроведен со посебна одлука во 2025 и за истиот биле наплатени околу 1,6 милиони евра.
„Со измените во тарифата за надоместоците на учесниците во МИПС , од 1 август
2025 година, заради намалување на провизиите во домашниот платен промет
преку поедноставување и усогласување на моделот на тарифирање со
практиките на ЕЦБ и другите централни банки, приходите од провизии од
домашните банки за долговен промет на сметка за 2025 година се пониски од
2024 година, со оглед на тоа дека овој вид надоместок беше целосно укинат“, објаснето е во финансискиот извештај на НБРСМ.
Но затоа за прв пат во текот на 2025 им биле наметнати трошоци за „супервизија“ на банките кои влегуваат во нето-приходите од провизии кај Нароодна банка.
„Приходите врз основа на надоместоци за вршење супервизија над банки и
штедилници се однесуваат на годишниот надоместок за вршење супервизија над
банките и штедилниците којшто Народната банка за првпат го воведе во 2025
година“, искоментирано е во извештајот.
Народната банка лани во јули објави дека очекува банките да ги намалат трошоците за граѓаните при плаќањето во денари и евра. Новиот модел на надоместоци, како што рече тогаш гувернерот Трајко Славески, треба да придонесе за поевтини платни услуги за граѓаните и за компаниите при електронски плаќања.
Одлуката стапи на сила на 1 август, а Народната банка соопшти дека очекува банките да покажат разбирање за јавниот интерес и за економските придобивки од достапни и евтини платежни услуги.
„Наместо досегашните трошоци од 14 евра по трансакција преку кореспондентни банки, ќе се применуваат фиксни надоместоци од 3 евра за електронски иницирани и од 5 евра за хартиени налози.“, рече Славески.
Гувернерот рече дека банките треба да ги следат сигналите на Народна банка и да ги намалат надоместоците не само за електронските плаќања, туку и на провизиите. Одлуката на Народната банка дојде после состанокот со Македонската банкарска асоцијација на која Гувернерот побара од банките да ги намалат провизиите за платежни услуги кои им ги наплаќаат на граѓаните и компаниите.
А.К.
