Нарачките и производството во металната индустрија се намалени – ќе има ли отпуштања?
Металопреработувачката индустрија е во исклучително сложена состојба, бизнисот моментно не носи пари, а кумулирањето на загубите е значително. Значително се намалени и нарачките. Тоа води кон дисконтинуитет на производството што, пак, влијае на трошоците и конкурентноста.
Како што изјави Митко Кочовски, претседател на Асоцијацијата на металургија при Стопанската комора на Македонија, отпуштања на вработените или сообразување на нивниот број е логичен епилог кога нема производство или кога циклусите се намалени. Тоа се најболните потези што некој раководител треба да ги влече, но се реално присутни.
- Производството е намалено за 50 отсто од 2011 година која се сметаше за една од подобрите во вкупниот петгодишен период на криза. Поради тоа, епилогот врз деловните резултати е погубен. Гранката прави загуби и ова е карактеристично за цела Европа. Нема компанија во челичниот бизнис со континуирано производство, која профитира во овие многу сложени услови на стопанисување кои за сите нас, неочекувано, траат полни пет години, рече Кочовски по денешната тркалезна маса „Металниот комплекс - стратешка гранка за развој на националните економии и економијата во ЦЕФТА-регионот“.
Според него, долгорочните предвидувања за периодот 2020-2025 година кога се очекува 50 отсто раст на производството на основните метали во светот, се премногу оптимистички зашто во овој момент нема никакви индиции дека нешто во краток рок значително ќе се промени.
Компаниите сметаат дека Владата ретерира околу барањето за пролонгирање на рокот за еклошките дозволи.
Според Стопанската комора, во рамки на ЦЕФТА, металниот комплекс и покрај проблемите предизвикани од глобалната криза, подолг временски период бележи доминантно учество во вкупниот извоз на земјава и во размената.
Во вкупниот извоз на пазарите на земјите-членки на ЦЕФТА, металниот комплекс во 2012 достигна износ од 187,5 милиони долари или 20,1 отсто. На страната на увозот производите на металната индустрија достигнаа 110,2 милиона долари и учество во вкупниот увоз од земјите-членки на ЦЕФТА од 15,7 проценти.
Металургијата во националниот БДП бележи учество од 7,8 отсто, во структурата на индустриското производство 12 проценти и во бројот на вработените со 16 отсто.
Слично
