Напролет струја ќе се продава на берза во Македонија, се очекуваат „реални цени“
Симон Шутиновски, директорот на операторот на пазарот за електрична енергија МЕМО, денеска објави дека се е подготвено напролет да започне со работа берзанското тргување со електрична енергија во Македонија.
Според првиот човек на фирмата-ќерка на МЕПСО, производителите на електрична енергија од фотонапонските централи, ветерниците и други капацитети ќе може да им ја продаваат струјата на снабдувачите и трговците на транспарентен и безбеден начин.
- Станува збор за организиран пазар по принципот ден однапред, а во моментов се работи на тоа во иднина да може да се купува, односно продава електрична енергија и на самиот ден. Имаме договор за клиринг и трговска платформа, а правилата за тргување очекуваме да бидат донесени од Регулаторната комисија за енергетика до крајот на февруари, вели Шутиновски.
Она што ќе добијат страните во берзанското тргување, според Шутиновски, е гаранцијата за сигурност, додека земјата, како што вели тој, ќе добие реални цени на електрична енергија.
- Македонија ќе има референтна цена, бидејќи таа на унгарската берза е нереална за наши прилики. Македонија и Унгарија имаат различно производство и различни потреби. За понатамошен развој се работи и на поврзување на нашата со берзите од соседството, а особено значајна за нас е бугарската ИБЕКС, најавува Шутиновски.
Билатералните договори, кои досега беа единствена опција, помеѓу производителите од една и трговците од друга страна ќе продолжат паралелно со берзата, но разликата во овој случај е тоа што тие ќе добијат сигурност и транспарентност.
- Има голем број на инвеститори кои сакаат да градат капацитети за струја во земјата, но досега не знаеја каде ќе ја продадат. Засега има пријавено повеќе од 20 учесници и ако барем 10-мина од нив активно тргуваат, тоа би било добар почеток за берзата, смета тој.
За таа цел ќе се користи платформата на EPEX Spot, која е користена и од унгарската берза HUPX, која инаку е најрелевантна за регионот.
А.К.
