Напред во 2016-та
Почеток е на новата деловна година. Добар момент да направиме мал пресек на настаните, да се потсетиме што се случуваше во изминатата на финансиските пазари. Ако баш и не е година за паметење, несомнено ќе треба да повлечеме одредени потези и со промислени корекции да се вратиме на патеката што води кон просперитет. Дури и 2015-та да ја сметаме за успешна, живејачката на стара слава, во никој случај не е добар рецепт за понатамошен напредок. Да погледнеме уште еднаш дали нашите предвидувања „држат вода“ и од каде би можеле да демнат притаените опасности.
На почетокот од минатата година прогнозиравме дека САД ќе останат движечка сила на светската економија, дека ги очекуваме повисоките каматни стапки во втората половина од годината и дека истите нема значително да влијаат врз економијата. Очекувавме минимални позитивни приноси. Светските берзи ја привршија годината со раст од околу 9 отсто (изразено во евра, со вкалкулирани дивиденди), индексот на американската берза порасна за 12 отсто (најголема заслуга за тоа има апресијацијата на доларот, а 3% отпаѓаат на дивидендите). Европските берзи пак, завршија со позитива од 8 отсто (при вкалкулирана дивиденда од 3,5%). Исто така, предвидовме поголема активност на Европската централна банка и нулта инфлација. Справувањето со ниската инфлација останува приоритет број еден и главен предизвик за ЕЦБ и во тековната 2016 година. Кога станува збор за пазарите во развој, бевме прилично скептични, бидејќи тие реално се наоѓаат под голем притисок. За овие пазари се очекува уште една тешка година, со многу предизвици за решавање. Потребни се силни структурни реформи, кои ќе се фокусираат на решавањето на конкретните проблеми во овие држави.
Неизвесноста продолжува и понатаму, без оглед на зголемувањето на нивото на каматните стапки во Соединетите американски држави. Се очекува основната каматна стапка до крајот од 2016 година да изнесува 1%. Економијата на САД ќе остане силна и се чини дека и годинава ќе се движи во позитивна насока. Американските компании очекуваат робусна година за своите бизниси. И понатаму ќе продолжат со редовната дивидендна политика и откупот на сопствени акции, бидејќи тие се сеуште далеку поатрактивни во однос на приносите од пазарот на обврзници. На Европската Унија ќе и биде потребна поединствена политика за побрзо справување со постојните предизвици. А тие не се малку на број. Најактуелни се руско-украинскиот фронт, како и немирите на Блискиот Исток, кои сè повеќе се разгоруваат. Внатрешните пак проблеми, како политички, така и структурни, остануваат и понатаму актуелни. Ова време на светска глобализација и брз проток на стоки и информации, создава пресвртници, во кои напред испливуваат компаниите што развиле најдобри бизнис модели, додека сите останати заостануваат. Можеме да се каже дека глобализацијата ги исфрли на површината проблемите кои претходно биле сокривани.
Очекуваме 2016-та да биде позитивна година, иако при изборот на вложувањата треба да бидеме претпазливи, бидејќи вреднувањата на одредени пазари се над долгогодишните просеци. Затоа, да се навратиме на препораките од минатата година. Само полека, чекор по чекор. Сказните за “брзото богатење“ ги оставаме зад себе, вложувањето е долгорочна активност. Одлуките да се базираат на што е можно повеќе информации и будно да следиме како нашиот влог се развива низ времето. Нека ни е со среќа на сите!
КД Фондови, повеќе од штедење
Слично
