Напорите на Грција да се ослободи од ММФ удираат во камен
Напорите кои Грција ги вложува за да го отстрани Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) од листата на учесниците во третата спасувачка програма за земјата удираат во камен.
Турнејата на министерот за финансии Евклидис Цакалотос низ клучните европски метрополи покажува дека неговите колеги се задоволни од постигнатиот напредок на земјата, подготвени се за конверзации и за повторни преговори на грчкиот долг, но не и ММФ да ја напушти програмата пишува „Greek Reporter“.
Основите на Фондот да остане како кредитор на Грција се неколку. На прво место институцијата е дел од програмите за спасувањето на Ирска, Шпанија, Португалија и Кипар. Во овие земји веќе беше постигнат напредок.
ММФ е и гарант за „технократска примена на европските спасувачки програми“, а евентуалната политизација на мерките секогаш достигнувало до неуспех. Грција во моментов ја спроведува третата спасувачка програма, бидејќи ги успори клучни реформи, како на пример во пензискиот систем, додава весникот.
ММФ е еден од ретките приврзаници за кастрење на грчкиот долг. Европските кредитори се повеќе склони да ја разгледаат можноста за промена на роковите за плаќање или каматните стапки. Во исто време, сепак, политиката на Фондот по строго кастрење на социјални трошоци не им се допаѓа особено во Атина.
Затоа и Владата на неколку пати се обиде да ја протурка идејата ММФ да ја напушти програмата со образложение дека кризата во Грција е европски проблем.
Улогата на ММФ е клучна во процесот на реформите, изјавил министерот за финансии на САД, Џек Лиу во телефонски разговор со својот грчки колега и ја повикал Атина да соработува со своите меѓународни партнери.
Всушност кулминација во разговорите за излегувањето на ММФ од грчката програма ќе биде по неколку дена. Се очекува темата да биде водечка при средбите на грчкиот премиер Алексис Ципрас за време на Економскиот форум во Давос. Тогаш е планиран и разговор помеѓу Ципрас и владејачкиот директор на Фондот, Кристин Лагард.
Во меѓувреме денеска ќе се одржи и најважната средба на Цакалотос во Европа - со германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, кој е еден од најголемите критичари на Грција.
