Наплатува кој како ќе стигне: Државата го товари бизнисот со давачки
Државата преку Министерството за финансии да контролира која државна институција каква и колкава давачка наплатува и зошто ја воведува, бараат стопанствениците кои тврдат дека во последните години значително пораснале неданочните и парафискални државни давачки. Од Стопанската комора велат дека тие се значаен товар за бизнисот и бараат да се спроведат реформи. Според нивни податоци наплатата на неданочните и парафискални давачки се зголемила од 2008 до 2016 година за дури 32,7 милиони евра. Така во 2016 година само од неданочни и парафискални давачки наплатени се над 251,5 милиони евра.
“Причините за ваквата состојба се бројни, но во суштина се сведуваат на потребата на јавните институции да обезбедат средства, не водејќи сметка за нивното негативно влијание врз конкурентноста и деловната клима во Македонија. Сублимирано во период од 2008 година до 2016 година има воведено вкупно 84 нови давачки кои се уплатуваат на буџетската сметка или 18 видови давачки што се вклучени во таканаречени други даноци, 41 вид неданочни давачки и 25 нови глоби со што е постигнато дополнително оптеретување на правните и физичките лица на годишно ниво во износ околу 20 милиони евра“, вели Анета Трајковска, Оперативен директор на Стопанската комора.
Таа тврди дека нивното истражување покажало оти од година в година значително расте бројот на давачките а со тоа и товарот за компаниите. Вели дека сега е важно да се работи на тоа системот на сите јавни приходи во Македонија да биде строго уреден и секогаш да е под клучен надзор од Министерството за финансии.
„Потребна е реформа на комплетната законска и подзаконска регулатива која е поврзана со неданочни и парафискални давачки. Потоа, да не може да се воведе ниту една дополнителна давачка без согласност од Министерството за финансии или мислење доколку се работи за одлуки на Владата. Со ова значително ќе се ограничи можноста и денес воспоставената пракса каде различни органи или носители на јавни овластувања директно влијаат на бројот и основните елементи на одредени давачки“, вели Трајковска.
Од Стопанската комора велат дека мора да има прецизна класификација на сите фискални форми кои постојат во даночниот систем и како даноци можат да се наречат само тие давачки кои имаат карактер на даноци, но не и надоместоците, таксите за одредени добра и услуги. Врз основа на тој регистар подоцна да се прават анализи кои ќе покажат дали треба или не да се воведуваат нови давачки. Првично нема да се бара намалување на надоместоците и на таксите и на сите парафискални давачки.
А.Т.
