Наместо во Буџетот добивката од Централниот регистар легнала на сметка на градежна компанија
Централниот регистар префрлил свои пари на туѓа сметка. За ова информираа од Владата откаде што посочуваат дека Централен регистар ланската добивка наместо во Буџетот ја уплатил на градежна компанија.
Имено 22 милиони денари наместо на сметка на Буџетот на РМ легнале на сметката на АД „Бетон“, односно претходното раководство на Централниот регистар, добивката од минатата 2016 година, наместо во Буџетот на Република Македонија, на барање на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор ја исплатил на градежната компанија АД „Бетон“ што ја градела зградата каде сега е сместена оваа институција, без за тоа да има правна основа.
Владата соопшти дека парите се префрлени врз основ на одлуката на Управниот одбор на Централниот регистар, со што била нанесена штета на редовното работење институцијата посочувајќи дека добивките на државните претпријатија или агенции треба да одат на сметка на Буџетот.
Правната основа за оваа одлука ќе се испитува од страна на новото раководство на ЦРМ.
