Наместо извинување, Приштина бара објаснување за протестната нота за палење на македонско знаме
Министерството за надворешни работи на Косово итно го повикало на разговор македонскиот амбасадор во Приштина Илија Стружевски и од него побарало објаснување за протестната нота што ја испрати македонското МНР до косовските власти.
Како што јавува КТВ, повикувајќи се на неименувани извори, од Стружевски било побарано да објасни кое е значењето на двете протестни писма што на косовскиот амбасадор во Скопје Иљбер Хиси му ги предаде македонското МНР.
Официјален претставник на косовската дипломатија на македонскиот амбасадор уште еднаш му ги пренел ставовите на косовската Влада дека „двете страни во Македонија треба да се воздржат од насилство, настанато за време на протестите за процесот „Монструм“ во кој на шестмина македонски Албанци им беше изречена казна доживотен затвор за убиство на петмина Македонци“
Косовската КТВ јавува дека слично постапило и Министерството за надворешни работи на Албанија, кое исто така преку амбасадорот побарало објаснување за протестната нота што му била врачена на дипломатскиот претставник на Тирана во Скопје.
„Албанија останува ангажирана и секогаш на систематски начин ги подржува сувернитетот и територијалниот интегритет на Македонија. На амбасадорот му нагласивме дека овие изјави не може да се сметаат за мешање во внатрешните работи на Македонија. Тие се природен израз на загриженост за создaдената ситуација и во истовреме се порака за воздржаност и изнаоѓање решение“, стои во официјалното соопштение на албанското МНР по протестната нота од Скопје.
Притоа, во соопштението се додава дека Албанија е заинтересирана за изградба на добри меѓусоседски односи со Република Македонија, засновани на меѓусебно почитување, а Албанците од Македонија не се само мост на соработка, туку значаен државотворен фактор со значајна улога во стабилноста на Македонија и регионот.
Македонското Министерство за надворешни работи им врачи протестни ноти на амбасадорите на Албанија и Косово во земјава заради „некои официјални ставови и изјави од двете земји, во врска со насилните протести организирани во Република Македонија по донесување на првостепената судска пресуда донесена од надлежен Суд во Република Македонија, со која шест лица се прогласени за виновни за кривично дело тероризам и им е изречена казна доживотен затвор“.
На амбасадорите на овие две земји им било укажано дека ставови и интерпретации со кои се доведува во прашање функционирањето на правната држава и постапувањето на судството како независна власт во Република Македонија – како и политички оценки од страна на високи политички претставници – не придонесуваат кон негување на конструктивни, позитивни, пријателски и добрососедски односи.
„Вакви изјави може да се протолкуваат како мешање во внатрешните работи на Република Македонија и не се во правец на јакнење на заемната доверба и добрососедство – принципи кои Република Македонија ги негува и за кои искрено се залага во билатералните односи со соседите“, стои во соопштението од МНР.
На амбасадорот на Република Косово му беше врачена и протесна нота со која најостро се осудува вандалскиот чин, палењето на македонското знаме пред Амбасадата на Република Македонија во Приштина, со кој длабоко се навредува дигнитетот на Република Македонија. Воедно е искажано и очекување дека надлежните органи на Република Косово најитно ќе преземат соодветни мерки за пронаоѓање и казнување на сторителите.
Слично
