НАМЕСТО ГРАДЕЖНИОТ ГИГАНТ ДА СЛАВИ 75 ГОДИШЕН ЈУБИЛЕЈ - отворена претстечајна постапка за „Бетон Скопје“, СИНДИКАТОТ ВЕЛИ - ГАЗДИТЕ ВЕЌЕ НЕ СЕ ГАЗДИ
Поведена е претстечајна постапка за некогашниот градежен гигант Бетон, соопшти денеска синдикатот.
Судот го одобрил отворањето на претстечајната постапка на први овој месец.
„Основниот граѓански суд Скопје по предлог на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање на Република Македонија - СГИП и синдикалците и работниците од ДГ Бетон АД Скопје на 01.11.2022 година донесе Решение со кое се поведува претходна постапка за испитување на условите за отварање на стечајна постапка на должникот ДГ БЕТОН АД Скопје“, соопштија од Синдикатот.
Постапувајќи по предлогот за отварање на стечајна постапка, судот оценил дека во конкретниот случај се исполнети условите за поведување на стечајна постапка, велат од ССМ.
„Со вака донесеното Решение, газдите веќе не се газди и тие сега исто како и работниците ќе треба да чекаат некој друг во случајот привремениот стечаен управник да им дава согласност и да одлучува место нив, а работниците и синдикалците заедно со синдикатот СГИП при ССМ очекуваат голема ефикасност и одговорност од страна на привремениот стечаен управник и судот во постапувањето по предметот и заштита на нивните интереси како доверители.
За потсетување, работодавачот ДГ Бетон АД Скопје на работниците им должи шест неисплатени бруто плати, регрес за годишен одмор за 2021 и 2022 година, а сметките му се блокирани повеќе од 45 дена што беше и главна причина работнците своите права да ги остварат пред суд.
Исто така, наместо оваа година во месец декември работодавачот заедно со работниците да прослави јубилеј од 75 години постоење, дочека стечај на компанијата поради лошото менаџирање и покрај сите напори на Синдикатот да се изнајде решение за состојбата во која се наоѓаат работниците“, се вели во соопштението од Синдикатот.
