НАМЕСТО ДВЕ, ЌЕ ДОБИВААТ ЕДНА ПРОСЕЧНА ПЛАТА – се менува Законот за Агенција за пошта, еве што се планира
Приходите на членовите на комисијата при Агенцијата за пошти во Македонија ќе се намалат со законски измени кои веќе се доставени во Собранието. Воедно се најавуваат и строги казни, или поточно разрешување за сите членови во Комисијата доколку таа не го достави навреме годишниот извештај за работа до Собранието на Македонија.
- Недоставување на годишниот извештај за работа или на годишната програма за работа на Агенцијата до Собранието на Република Северна Македонија може да биде причина за колективно разрешување на Комисијата– се наведува во законот, кој го предлагаат владините претставници, Бојан Стојаноски, Бране Петрушевски, Драган Ковачки, Ели Панова, Љупчо Пренџов, Малиша Станковиќ.
Воедно во законот пишува „се врши намалување на месечниот надоместок на членовите на Комисијата од две на една просечна месечна нето плата исплатена во Македонија според податоците објавени од Државниот завод за статистика. “. Со овој чекор всушност ќе се намалат приливите кои ќе ги добиваат членовите на Комисијата.
Овие измени се опфатени во измените на Законот за поштенските услуги, со кој се уредуваат условите, начинот и постапките за обезбедување на поштенските услуги во внатрешниот и меѓународниот поштенски сообраќај. Тука се одредени и правата и обврските на давателите и корисниците на поштенските услуги, а утврдена е и правната положба, надлежностите, организацијата и работењето на Агенцијата за пошти.
Агенцијата е основана како независно регулаторно тело во областа на поштенските услуги, со статус на самостојно и непрофитно правно лице кое врши јавни овластувања. Започна со работа во јули 2008 година.
- Агенцијата при извршување на работите од својот делокруг обезбедува услови за постојано, редовно и непречено обезбедување на универзална услуга, овозможување еднаков пристап до универзалната услуга за корисниците во однос на избор, цена и квалитет, потикнување пристап до поштенската мрежа, промовирање и заштита на конкуренција во областа на поштенските услуги и отворање на пазарот со цел за создавање единствен пазар на поштенски услуги– се истакнува во законското решение доставено во Собранието.
Притоа е нагласено дека Агенцијата за својата работа одговара пред Собранието, а нејзини органи се комисија и директорот. Комисијата се состои од пет члена кои ги именува и разрешува Собранието на предлог на Комисијата за прашања за изборите и именувањата на Собранието. Нивните мандати траат пет години.
- Комисијата од редот на своите членови избира и разрешува претседател и заменик на претседателот на Комисијата на начин и по постапка утврдени во Деловникот за работа на Комисијата. Комисијата избира директор на Агенцијата по пат на јавен оглас – е појаснето во предлог измените.
Воедно во законското решение се укажува дека досега членовите на Комисијата имаа право на месечен надоместок во висина до две просечни месечни плати.
- Со оглед на континуираниот раст на просечната месечна плата исплатена во Македонија според податоците објавени од Државниот завод за статистика, како и имајќи ги предвид веќе донесените законски решенија за намалување на коефициентите за пресметување на платата на останатите избрани и именувани лица, се јави потребата од намалување на месечниот надоместок кој им припаѓа на членовите на Комисијата како непрофесионално ангажирани лица– се наведува во законското решение.
Предлагачите потенцираат дека „со предложените законски измени се врши зајакнување на стручноста и компетентноста на претседателот и членовите на Комисијата, како и се допрецизираат случаите кои можат да доведат до престанок на мандатот, односно разрешување на претседателот и членовите на Комисијата и на директорот на Агенцијата за пошти“.
Меѓу другото, со измените се утврдува дека член на Комисијата може да биде разрешен не негово барање, ако е осуден за кривично дело со кое добил казна затвор подолга од шест месеци, или добил прекршочна санкција забрана за дејност. Но, еден член може да биде разрешен и ако неоправдано отсуствувал од три состаноци на Комисијата едноподруго или вкупно од пет состаноци за време од една година. Разрешување е предвидено и ако вршат друга фунцкија која е неспојлива со вршење јавна функција. Во случај да не достават годишенизвештај за работа илигодишната програма за работа на Агенцијата до Собранието може да бидат разрешени сите членови на Комисијата колективно.
Што се однесува пак до директорот, исто така со законот е предвидено дека тој може да биде разрешен на негово барање, ако не може да ги извршува должностите во период подолго од шест месеци, ако е осуден за кривично дело ... Уште еден начин да биде разрешен е поради повреда на одредбите на законотшто може да се утврди од годишниот извештај за работа на Агенцијата или - злоупотреба на функцијата според ревизорскиот извештај.
П.О.
Фото: Фактор
