Економија, финансии, бизнис

Контакт

Намалени квоти на општествените факултети за да нема раст на невработеноста

Намалени квоти на општествените факултети за да нема раст на невработеноста
Владата ги намалила квотите за одредени факултети од општествените науки како дел од своите заложби за раст на економијата и намалување на невработеноста. Ова го соопшти денеска министерот за образовани Спиро Ристовски кој додаде дека ваквата одлука е донесена поради нивната суфицитарност и за да не се натрупува кадар кој не ќе може да најде работа по дипломирањето. „Владата го усвои предлогот на Министерството за образование и наука за намалување на дел од квотите на факултетите од областа на општествените науки. Тоа го диктира пазарот на трудот. Врз основа на анализите со кои расплага МОН, а се од податоците на Агенцијата за вработување и на Државниот завод за статистика, во Република Македонија има реален суфицит на кадар кој завршува на факултетите од областа на општествените науки, додека сериозен е дефицитот на кадар од техничките факултети. Потребите на пазарот на трудот говорат дека студентите кои завршуваат на техничките факултети многу побрзо и многу посигурно ќе обезбедат работно место  и затоа Министерството предложи, а Владата усвои, намалување на дел од квотите од општествените науки, а зголемување на квотите на техничките факултети“, истакна Ристовски. Според Ристовски, согласно владините политики и интенциите намалување на невработеноста, Владата нема да дозволи продуцирање дополнително невработени лица, туку ќе поттикнува едуцирање кадар што полесно ќе се вработи.  Ристовски денеска информираше дека 4.000 ученици кои не биле оценети на екстерното тестирање ќе полагаат на 16-ти и на 19 август.Станува збор за 2 процента од вкупниот број основци и средношколци опфатени со првото екстерното тестирање во земјава. „Апелирам учениците да се подготват добро за полагањето во августовската сесија. Учениците кои ќе полагаат повторно поради технички проблеми во првата сесија, ќе ги полагаат испитите што им беа дадени во првиот дел од полагањето“, изјави министерот за образование и наука Спиро Ристовски кој додаде дека остануваат на ставот дека екстерното тестирање нема да биде пилот-проект, но ќе се подобрува идните учебни години.  
Слично

Поврзани вести